Половина од Грците се против владините мерки за штедење
Атина- Речиси половина од Грците се против мерките за штедење што ги предложи грчката влада, а чие усвојување е услов Грција да го добие вториот пакет-помош од ЕУ и од Меѓународниот монетарен фонд во вредност од 120 милиони евра за излез од кризата, покажуваат резултатите од анкетата на агенцијата „Капа рисрч“ објавени во весникот „Вима“. Истражувањето, спроведено на 14 и на 15 јуни со 1.208 испитаници, пред петочната реконструкција на владата, покажува и дека мнозинството Грци сакаат предвремени избори и смена на грчкиот премиер Јоргос Папандреу.
Според анкетата, 47,5 проценти од Грците се против владините мерки за штедење и сакаат предвремени избори, додека само 34,8 отсто го поддржуваат усвојувањето на рестриктивниот пакет.
Речиси 90 проценти од анкетираните сметаат дека Грција се движи во погрешна насока, а околу 80 отсто се спротивставуваат на истапувањето на земјата од еврозоната. Агенцијата „Капа рисрч“ оценува дека анкетата покажува дека Грците не се против мерките за штедење, но сметаат дека од нив најмногу ќе бидат погодени сиромашните сло��ви на општеството, а дека ќе бидат заобиколени оние што затајуваат даноци и корумпираните политичари. (МИА) |