Навали народе, македонскиот зеленчук е безбеден
Резултатите од 40 примероци на домати и на краставици покажале дека тие не содржат ешерихија коли
Македонскиот зеленчук е безбеден и сосема исправен за консумирање, односно во него нема присуство на бактеријата ешерихија коли, убедуваат министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски. За да го поткрепат ова тврдење на прес-конференција тие јавно дегустираа свежи домати и краставици.
За да ја докажат исправноста на домашниот зеленчук, Агенцијата изминатите 10 дена спровела вонредни контроли на над 40 примероци земени по случаен избор од малопродажбата и директно од оранжериските производители. Резултатите покажале дека доматите и краставиците се стопроцентно сигурни за јадење.
„Сакаме да ги убедиме македонските потрошувачи во исправноста и во квалитетот на домашните градинарски производи. Лошо е ако ја немаме довербата во нашите земјоделци. Доколку нашите производи се насекаде почитувани и се третираат како производи со врвен квалитет, добро би било што повеќе да се трошат и дома, особено во услови на ваква пазарна криза“, истакна Димовски.
Рунтевски, пак, нагласи дека изминатава година во рамки на ЕУ, Македонија, како трета земја, беше втор извозник на краставица, а тоа доволно зборува за квалитетот и за безбедноста на нашиот зеленчук.
По појавата на бактеријата ешерихија коли, освен пласманот на домашниот и на странскиот пазар, драстично се намалени и цените на раноградинарските производи.
„Како последица од заразата драстично се намали продажбата на раноградинарските култури, особено трпи извозот, а се откажуваат и набавките од странските купувачи. Одлуката на Русија и на Шведска за забрана на увоз на зеленчук дополнително ја влоши состојбата“, истакна Димовски.
Извозот на доматите од јануари до средината на јуни годинава е намален за 18 отсто во однос на истиот период лани, на краставиците за 23 проценти, а на зелката околу 69 отсто.
Во јануари годинава цената на доматите на пазарите на големо била 80 денари за килограм, а сега е 25, додека на краставиците од 80 денари е намалена на 10.
Поради огромните штети што ги трпат производителите, Владата, најави министерот Димовски, ќе им излезе во пресрет со зголемување на финансиската поддршка и обезбедување поволни кредити за обртни средства. Воедно се прават интензивни контакти со сите дипломатско-конзуларни претставништва на Македонија, пред се', во Русија и во Украина, кои се сметаат за алтернативни пазари и кадешто има добри шанси за пласман на нашите производи.
„Министерството за земјоделство размислува да предложи зголемување на директните плаќања и на висината на субвенциите по хектар и по килограм од сегашните 90 илјади денари како поддршка за настанатите штети. Се разгледува и можноста за користење поволни кредити со каматни стапки не повисоки од четири отсто, за подолг рок на отплата, зголемување на максимумот на кредитите од 100 илјади евра на 700 илјади, како и дополнителни компензации од средства од европските фондови на име претрпени штети кај производителите на градинарски култури“, најавува Димовски.
Според него, загрижува фактот што продажбата на македонските производи е драстично намалена на домашниот пазар.
И производителите се чудат како ќе го продадат годинашниот род. Се сомневаат дека вештачки се создава страв за да се спушти цената на зеленчукот, додека граѓаните се поделени - едни не купуваат во паника поради бактеријата, а други веруваат дека зеленчукот е безбеден за консумирање.
Што се однесува до извозот, тој е зголемен на косовскиот пазар, а пласманот во Србија е стандарден, со благо покачување во однос на минатата година.
Градинарските култури во пластеници годинава се застапени на 6.506 хектари. Најмногу има домат, бостан, зелка, благ пипер и компир. Заклучно со 13 јуни во Македонија се произведени 4.267 тони ран домат и 10.930 тони краставица, што е повеќе од очекуваното.
До крајот на септември годинава, од производството на отворено се очекува најголемо производство на домати до 142 илјади тони, а на пиперки до 250 илјади тони.
Од вкупното градинарско производство во земјава, што годишно изнесува од 550 илјади до 650 илјади тони, околу 100-150 илјади тони се пласираат на домашниот пазар, 50-60 илјади тони се преработуваат, а 350-400 илјади тони се извозуваат како свеж или преработен производ. (А.С.) |