Европските лидери се откажаа од идејата за санкции спрема Русија
Овој збор не беше ни споменат во реториката на ЕУ, а главната порака беше дека Москва треба да одбере дали сака да соработува со ЕУ или не
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
Брисел - Лидерите на Европската унија се собраа вчера во Брисел за да одговорат на руската интервенција во Грузија, но и пред почетокот на вонредниот самит стана јасно дека од заговараните санкции спрема Москва нема да има ништо.
Под притисок на Франција, Германија и Италија како приврзаници на новиот реализам во Европа, овој збор не беше ни споменат во реториката на ЕУ, а главната порака беше дека Москва треба да одбере дали сака да соработува со ЕУ или не, во што почитувањето на планот од шест точки и договорот со Брисел треба да има клучна улога.
Веќе претпладнето амбасадорот на Русија во ЕУ Владимир Чизов направи прв чекор и најави дека Москва е подготвена да прифати полициска мисија без да прецизира точно каде и од кого, а најавите беа дека ЕУ токму на тоа ќе се фокусира и колку што е можно побрзо за неколку недела ќе испрати свои посматрачи во Грузија, според еврофункционерот Хавиер Солана, не многу - неколку стотици. Претходно, во интервју за шпанското државно радио, Солана изјави дека „преговорите за стратегиско пријателство меѓу Русија и ЕУ ќе продолжат, а резултатите ќе бидат разгледани на претстојниот самит на ЕУ и Русија во ноември“. На прашање дали односите Русија - ЕУ ќе бидат замрзнати поради признавањето на Абхазија и Јужна Осетија, Солана одговори дека сега „најважно е да се надминат последиците од судирот и да се постигне стабилност на Кавказ“.
Во предлог-заклучоците за самитот има диспаритет меѓу силината во осудата и мерките што се предлагаат, кои се сведуваат на олеснување на визниот режим со Грузија, но не и укинување на визните олеснувања за Русија, на јакнење на односите меѓу ЕУ и Тбилиси, економска и хуманитарна помош, испраќање специјален претставник во таа земја и нов пристап кон односите со сите земји од соседството кои се во руската сфера на влијание. Во делот на осудата, ЕУ-лидерите сметаат дека реакцијата на Русија во Грузија била диспропорционална, дека е неприфатливо признавањето на Абхазија и на Јужна Осетија и дека Русија треба да ги почитува принципите на територијален интегритет и суверенитет на Грузија. На Русија и' се остава да оцени дали сака да се самоизолира од Европа, со порака дека ги довела до раб односите со ЕУ, иако се зависни еден од друг и принудени да соработуваат. Таа меѓузависност е објаснувањето на Брисел за отсуството на санкции спрема Русија, но до затворањето на весникот не беше јасно дали мисијата што ја планира ЕУ ќе добие виза од Москва да функционира и на територијата на отцепените Абхазија и Осетија, или само во Грузија и тампон-зоните. На толкувањата на рускиот амбасадор Чизов дека Москва само ги брани своите граѓани кои се загрозени од политиката на грузискиот претседател, реакциите во Брисел беа зошто тогаш не ги брани своите граѓани во Израел кои се на удар на Хезболах и тоа со руско оружје.
Европската унија ќе ја предупреди Русија дека идните односи на Москва со Унијата би можеле да зависат од нејзиното целосно почитување на мировен договор за окончување на конфликтот во Грузија, се дознава од нацрт-соопштението од самитот. Текстот на пет страници што го доби Ројтерс остро го осудува чекорот на Русија за признавање на независноста на бунтовничките региони Јужна Осетија и Абхазија и бара другите земји да избегнат таков чекор. Во текстот се опишуваат односите меѓу 27-члената Унија и нејзиниот најголем снабдувач на енергија, дека се на „раскрсница“ пред одамна закажаниот самит на 14 ноември меѓу европските и руските лидери во Ница, Франција.
„Европскиот совет е сериозно загрижен поради отворениот конфликт што избувна во Грузија, од резултирачкото насилство и диспропорционалната реакција на Русија“, се истакнува во нацрт-соопштението. „Во поглед на состојбата, а особено споредувањето на сите заложби од страна на Русија, согласно со (мировниот) план од шест точки, ревизијата може да доведе до одлуки за продолжување на дискусиите за иднината на односите меѓу Унијата и Русија во различни области“.
Велика Британија вчера ја повика Европската унија да ги прекине преговорите за нов договор за партнерство со Русија. „Поради активностите на Русија, треба да ги прекинеме преговорите за нов договор за партнерство и соработка“, изјави денеска во Лондон портпаролот на британскиот премиер Гордон Браун.
Коментарите на Браун се во голем контраст со помирувачкиот тон во Париз, каде што премиерот Франсоа Филон рече дека претседателот Никола Саркози ќе преземе ново посредување меѓу Грузија и Русија и ќе се обиде да оствари дијалог со Кремљ.
„Или сакаме одново да започнеме студена војна, да ја посочиме Русија со прст, да ја изолираме и да го запечатиме тоа како случај на деценија - тоа не е изборот на Франција или на Европа - или ја избираме опцијата за дијалог“, изјави Филон за Француското радио.
„Денес зборот ’санкции’ не е на агендата, денес зборот е ’дијалог’“, додаде тој, признавајќи дека земјите-членки на ЕУ ќе одржат два и полчасовен состанок со „многу различни позиции“.
„Европската унија не треба да го суспендира дијалогот со Русија како одговор на интервенцијата на Москва во Грузија“, изјави вчера германската канцеларка Ангела Меркел. „Ставот на Германија е дека не треба да го прекинуваме дијалогот со Русија“, изјави Меркел за новинарите кога пристигна на вонредниот самит на ЕУ, пренесувајќи ги претходните коментари на германскиот министер за надворешни работи.
Италијанскиот премиер Силвио Берлускони рече дека Русија е сила на која треба да се смета и дека не очекува какви било чекори од состанокот во Брисел што би ја „влошиле“ ситуацијата. „Таа се' уште има нуклеарен потенцијал со способност да уништи десет пати поголемо население од она во светот. Таа е земја која се развива со стапка 7-8 проценти годишно. Таа е земја која има нафта и гас“, изјави тој.
„Конфликтот во Кавказот нема да се одрази на испораките на руски гас за Германија“, изјави Вулф Бернатот, главен извршен директор на Е.ОН, најголемата германска енергетска компанија, во интервју за весникот „Билд“, пренесува ИТАР ТАСС. Според Бернатот, Германија добива 30 отсто од неопходниот гас токму од Русија, која веќе 30 години совесно ги исполнува своите задолженија и ќе продолжи и во иднина да ги исполнува. Тој е сигурен дека конфликтот во Кавказот „не е закана“ за енергетската снабденост на Германија.
|