Денеска на терен ќе излезат членовите на Општинската комисија за процени на штети
ДОЈРАН – Животот во Нов Дојран и во Стар Дојран, два дена по големиот пожар, почнува да се враќа во нормала. Изгорените бандери се заменети со нови и сите домаќинства добија електрична енергија. Нормализирани се водоснабдувањето и телефонскиот сообраќај. Животот продолжува, но се' уште се прераскажува саботната ноќ кога големиот пожар беше вистинска опасност за жителите и нивните имоти на Нов и Стар Дојран.
„Тоа беше најдолгата и најстрашната ноќ во нашите животи. Пламените јазици се извишуваа над нашите куќи, а стигнуваа и до дворовите. Но, добро е што се' заврши без поголеми штети. Имавме среќа. Најважно е што сите сме живи и здрави“, коментираа жителите на Нов Дојран каде што последиците од пожарот се најголеми.
Таму се' уште во воздухот се шири мирис на изгорени дрвја и трева. Пожарот беснееше на површина од 200 хектари, од раскрсницата кај селото Ѓопчели, па се' до Стар Дојран, во појас од 10 километри.
Во огнената стихија во Нов Дојран изгоре една куќа, неколку штали, како и голема површина нискостеблеста шума.
Според најавите од Општина Дојран, денеска на терен ќе излезат членовите на Општинската комисија за процени на штети од елементарни непогоди. Тие треба да утврдат колкави штети се предизвикани на куќите и имотите кај дојрани. Потоа, извештајот ќе биде доставен до државната комисија.
Во Дојран и вчера се поставуваше прашањето дали интервенцијата беше навремена и дали можеше да се спречи ширењето на пожарот. Според пожарникарите кои учествуваа во неговото гаснење, силниот ветер бил причината за молскавичната брзина со која се ширела огнената стихија.
„Беше преземено се'. Сите сили беа активирани. Помош од Струмица, Гевгелија и Валандово дојде навреме. Штетата можеби можеа да ја поправат хеликоптерите, но тие ноќе не дејствуваат. Сепак, леталата дојдоа кога почна да се разденува“, изјави Злате Талевски, командир на доброволната територијална противпожарна бригада од Дојран.
Пожарот кај Дојран избувна во саботата попладне од камион што се запалил во движење пред Нов Дојран. Според најавите од полицијата, ќе се бара кривична одговорност од возачот доколку се утврди основа за тоа. Пожарникарите тврдат дека во камионот немало апарат за гасење пожар.
По големиот пожар што го зафати Нов Дојран, нови пожари, но од помали размери вчера биле забележани кај селото Ѓ��пчели, во близина на Николич и кај селото Селимли, меѓу општините Богданци и Гевгелија, потоа кај Велес и кај селото Ѓавато. За среќа, сите пожари навремено се локализирани и не се проширија.
Пожарот кај Селимли беше изгаснат вчераутро од силите на Дирекцијата за заштита и спасување. Пожарот кај селото Ѓопчели во близина на Нов Дојран се појави вчера околу 13 часот.
Како што известуваат од Дирекцијата за заштита и спасување, станува збор за мал пожар. Екипи на Дирекцијата го гаснат пожарот. Дополнителна помош ќе биде испратена доколку пожарот се прошири и зафати поголеми површини.
И во Велешко избил пожар кој не направи поголема штета. Пламените јазици уништиле деградирана букова шума кај местото Долно Јаболчиште. За среќа, пожарот вчера целосно е изгаснат од вработените во ЈП „Македонски шуми“.
Пожар е забележан кај селото Ѓавато завчеравечер на место каде што повеќе пати имало пожари. Но, и тој пожар е изгаснат од вработените на „Македонски шуми“. Вчера, според информациите од Центарот за управување со кризи, беше локализиран и пожарот на планината Беласица кај Мокрински Извори. (Е.П.-Ј.К.)