Егзекутиран убиец со стрелање во Јута

СОЛТ ЛЕЈК СИТИ - Вчера во 12,20 часот заврши 25-годишниот престој на Рони Ли Гарднер во затворскиот оддел за осуденици на смрт кога стрелачки вод го егзекутираше еден од најпознатите убијци во Јута. Неговата смрт стави крај на болната сага за семејствата на луѓето од Јута што Гарднер ги уби или повреди и оние што се надеваа дека ќе биде поштеден животот на убиецот.
Барб Веб, ќерка на Ник Кирк, жртва на Гарднер, плачеше кога дојде информацијата за егзекуцијата. „Толку ми олесна, конечно, се заврши“, изјави таа, прегрнувајќи ја својата ќерка Менди Хул. „Се надевам дека сестра ми, која неодамна почина, и татко ми, како и сите други жртви ја чекаат неговата душа. Се надевам дека тие ќе тргнат по него“.
Малку по полноќ, роднините на Гарднер се потпреа еден на друг се прегрнаа и плачеа. Тие ја пееја песната „Слободна птица“ на Линјард Скајнард. „Мило ми е што се заврши. Мило ми е што тој е слободен“, изјави Ренди Гарднер, по смртта на неговиот брат. Други роднини на Гарднер подвикнуваа додека пуштаа во воздух 24 балони на кои имаше испишано пораки. Некој од нив извика: „Те сакам, Рон!“ и почнаа да се прегрнуваат. Ќерката на Гарднер, Бренди Гарднер, ги стави рацете на лицето и почна да плаче.
За државата, смртта на 49-годишниот жител на Солт Лејк Сити, со четири куршуми го одбележа она што би можело да биде последна егзекуција од ваков вид во земјата. Јута е единствената држава која се' уште за егзекуции користи стрелачки вод и само уште четири лица, кои чекаат изрекување на смртната казна, може да го изберат тој начин на заминување. (Солт Лејк трибјун) |