Исланѓаните не сакаат во ЕУ
РЕЈКЈАВИК - На самитот на Европскиот совет одржан на 17 јуни во Брисел 27-члената Унија одлучи да отвори преговори за прием со Исланд. Меѓутоа, „Ле фигаро“ забележува дека „солидната поддршка за Рејкјавик во Европа не е еднаква со консензусот за ЕУ во Исланд“. Кон крајот на 2008 година кога кризата го достигна врвот и ја стави нивната економија на колена, на членството во ЕУ се гледаше како на сламка за спас од страна на граѓаните на Исланд.
Меѓутоа, сега парискиот дневен весник објавува дека ситуацијата е променета: „Повеќе од 60 проценти од Исланѓаните што се загрижени околу тековниот банкарски спор со Лондон и Хаг ќе гласаат против членство во ЕУ.
Уште полошо“, продолжува „Ле фигаро“, „неодамнешната анкета покажа дека 57 проценти од населението се за повлекување на апликацијата за приклучување во ЕУ, а една повеќепартиска парламентарна група неодамна го изнесе овој предлог пред парламентот за да ги прекине натамошните преговори. За две третини од населението, 6,2 милиона евра што ќе се издвојат за буџетот за прием би биле подобро потрошени на друго место“. (Ле фигаро) |