12.02.2012, 21:19 Насилни инциденти во Атина
Атина - Хаос преовладува во центарот на Атина на неколку часа од гласањето за новиот пакет мерки за штедење. Центарот е обвиен со чад од околу 12 пожари како последица од инцидентите и судирите на полицијата со групи маскирани граѓани. До сега има околу 50 повредени граѓани и полицајци од инцидентите. Горат едно кино, книжарници, неколку банки и кафулиња. Илјадници граѓани се улиците на грчкиот главен град во знак на протест против новите мерки кои предвидуваат сериозно затегање на грчкиот ремен. Од пет часот попладнево се води војна со солзавец и молотови коктели меѓу полицијата и група маскирани граѓани. Грчките медиуми пренесуваат дека полицијата има наредба целосно да го испразни плоштадот од демонстранти за да се избегне напад на собранието. Независно од инцидентите граѓаните остануваат во центарот.
Од другата страна, во собранието се води слична војна пред гласањето кое е закажано за полноќ. Пратеници даваат оставки или изјавуваат дека нема да гласаат за новиот пакет мерки кој вкучува отпуштање на 15.000 вработени во државната администрација, намалување на минималната плат�� за 22 отсто од 750 на 600 евра, либерализирање на пазарот на работа, приватизација на државни компании. На пратениците од ПАСОК и Нова демократија кои нема да ги поддржат мерките им се заканува исклучување од партијата, затоа што и Јоргос Папандреу и Адонис Самарас испратија јасна порака дека пратениците мора да си ја исполнат должноста и да ги изгласаат мерките за да се избегне директен банкрот. Третата партија од преодната влада, ЛАОС, во петокот се повлече од владата откако лидерот Јоргос Караџаферис најави дека нема да ги поддржи новите мерки и побара формирање на нова целосно технократска влада. Едниот министер и тројцата заменици од ЛАОС веднаш по ова дадоа оставка од владата. Во ист момент даде оставка и заменик министерката за надворешни работи, Марилиза Ксенојанакопулу.
Грчкиот премиер Лукас Пападимос во снимена порака до целата нација предупреди дека доколку не се изгласа новиот пакет мерки државата ќе банкротира и ќе се соочи со социјален хаос. Според Пападимос цената која Грција ќе ја плати за програмата за штедење е многу пониска од катастрофалните последици од евентуален банкрот. "Заштедите на граѓаните ќе бидат изгубени, владата нема да може да плаќа плати, нема да може да ги покрива трошоците за работа на некои болници и училишта, увозот на гориво, лекови и машинерија ќе биде целосно нарушен. Ќе се создаде неконтролиран економски хаос и социјални немири", изјави Пападимос во своето обраќање. Грчкиот технократски премиер објасни дека ако се примени програмата Грција ќе успее да си ја врати меѓународната економска конкуретност до второто полугодие на 2013, забележувајќи дека во овие услови неможно е Грција да види развој без големи реформи. (М.П.) |