Деца сонуваат за подобар живот, а завршуваат во пекол
Македонија веќе не е само транзит, туку земја на потекло на случаи со трговија со деца
Горан Адамовски
Нина и Ина се две девојчиња на иста возраст. Нина живее во град и сонува да стане фризерка. Ина е од село и мечтае за добар сопруг и за големо семејство. Но, годините врват, а нивните семејства живеат во тешки услови. Еден ден на гости кај Нина доаѓа нејзиниот брат��чед од странство. На сите им носи скапи подароци. На Нина и' вели дека животот во странство е многу убав и и' вели да појде со него.
Во меѓувреме, Ина запознава згодно момче, кое е многу љубезно со неа. Таа се вљубува во него. Тој и' вели да одат во странство, да заработат пари и да се вратат во Македонија, да си изградат куќа и да направат голема свадба. Ина си помислува дека нејзините соништа, конечно, ќе станат реалност.
Но, и двете девојки не ни помислуваат дека нивните животи набргу ќе се претворат во кошмар. Нина не може да поверува дека нејзиниот братучед ја втурнува во проституција, а Ина е продадена од нејзиното момче. Двете девојки стануваат робинки. Нина се' уште работи како сексуална работничка, а Ина успева да побегне, но никогаш нема да може да си го види своето семејство.
Ова е анимираниот филм што им го пуштаат на учениците од основните и од средните училишта низ градот инспекторите од Одделот за превенција на СВР - Скопје. Нивната целна група се деца од 10 до 16 години, кои сонуваат за подобар живот и повеќе пари, а трговците со деца го користат тоа, ветувајќи им се' и сешто.
„Македонија не е веќе само транзитна точка, туку и земја на потекло на случаи со трговија со деца“, призна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на вчерашната презентација на проектот „Превенција од трговија со деца“ во Општина Гази Баба.
Од 2008 година досега во земјава се регистрирани 30 случаи на трговија со деца. Само годинава кривично биле пријавени 25 лица. Најчести жртви се децата на возраст меѓу 13 и 17 години, кои потекнуваат од семејства што се соочуваат со основните егзистенционални проблеми.
„Затоа е неопходно да се развива компонента, да се препознае опасноста, да се реагира и да се одбегне. Потребна е заедничка соработка на надлежните институции и поддршка во реализирање на превентивните активности со родителите и децата, но и со наставниците и со локалните заедници“, смета Јанкулоска.
Едукативните сесии на полицијата досега ги посетиле 350 ученици, а на бесплатниот СОС-телефон помош побарале 171 лице. |