Бурекот е странски, а „дорина“ домашен производ!
Поголемите маркети во градов се' уште одлучуваат што е македонски производ, а што не е
Александар Пешев
Македонското кафе, бурекот и смоките „стоби флипс“ не се македонски производи, барем не според дел од патриотските каси низ маркетите и бурекчилниците во Скопје. Од друга страна, дел од поголемите маркети ги имаат „присвоено“ како македонски и странските производи, како што се, на пример, хрватските чоколади или српските минерални води.
По осумнаесет дена од воведувањето на патриотските фискални сметки, хаосот се' уште трае. Сметките би требало да го охрабрат потрошувачот во купувањето македонски производи. И покрај тоа што поголемите маркети во градов веќе го вградија патриотскиот софтвер во своите фискални каси, потрошувачите не добиваат секогаш уреден преглед на купените македонски производи. Во некои од супермаркетите и кафулињата прометот од македонските производи воопшто не се регистрира. Така, производи со знакот на сонцето, како што е, на пример „турското“ кафе, ама тука произведено и сварено, потоа лебот, брашното и млекото се класифицираат како странски производи, додека графата во сметката резервирана за прометот од македонските производи останува празна. Во други маркети, пак, има спротивна состојба. Сите производи што се продаваат се обележани како македонски, па хрватските чоколади или српските минерални води се регистрираат во прометот од македонски производи.
Претставниците од маркетите се недостапни за официјална изјава. Неофицијално, вработените во маркетите објаснуваат дека за да се издаваат правилни патриотски сметки, потребно е да се затвори дуќанот, да се избришат сите кодови од фискалн��те и повторно да се внесат нови кодови, при што би се обрнувало внимание на тоа кој е македонски производ, а кој не е македонски.
Додека поголемите маркети во градов се' уште одлучуваат што е македонски производ, а што не е, помалите продавнички или доцнат со издавање патриотски сметки, или издаваат парагон блокчиња, правдајќи се дека касата им е на сервис. „Ако треба некој да се казнува, треба да се казни фирмата што го вградува софтверот, бидејки поради нив немаме фискални каси“, тврди сопственик на трговско претпријатие.
Најголемиот метеж за инсталација на патриотскиот софтвер во касите се создаде пред фирмата „Акцент компјутери“. Пред неколку дена група трговци чекаа пред просториите на фирмата близу Градскиот парк со фискалните во рака. Деновиве фирмата престана со инсталација на патриотски софтвер во просториите близу центарот на градот и сервисот го пресели во Козле.
Освен маркетите, дуќанчињата и продавниците, и рестораните и кафулињата се' уште во целост не почнале со издавање на патриотските сметки. Во центарот на градот само неколку кафулиња издаваат точни патриотски фискални сметки. Во повеќето кафулиња или ниту еден пијалак не се категоризира како македонски, или воопшто нема патриотски фискални сметки. Така, според едно од ретките кафулиња во центар каде што се вари кафе во ѓезве, турското кафе не спаѓа во категоријата македонски производи. Чаевите произведени од домашни компании, исто така, се' уште не се квалификуваат како македонски производ. Поголемите млечни ресторани доследно издаваат патриотски сметки, но во помалите бурекчилници низ Центар и Аеродром бурекот не се регистрира како домашен производ.
Освен дел од приватниците, и јавните претпријатија ги продаваат артиклите како странски производи. Пример за тоа се автобуските карти од Јавното сообраќајно претпријатие, каде што патриотските фискални каси не се воведени, а граѓаните добиваат стандардни фискални сметки.
По истекувањето на крајниот рок за воведување на новите фискални, од Управата за јавни приходи најавија ригорозни казни за секој субјект кој наплаќа во готово, а не ги издава новиот вид сметки. Осумнаесет дена по крајниот рок, од Управата велат дека „будно ја следат ситуацијата“, одбивајќи да дадат подетални информации околу тоа колку субјекти се казнети поради непоседување патриотски фискални каси, дали се толерираат сите субјекти кои не го приспособиле софтверот и до кога ќе се толерираат јавните претпријатија за неиздавање патриотски фискални сметки. |