Без ракавици
Ќоравите светилки на селоградот
Јосиф Ќурчиев
Ги жалам и претходните и актуелните први луѓе на Скопје и на неговите општини - имаат сограѓани што не го заслужуваат овој град
Колку може да ви потрае спокојството по еден десетдневен одмор, продолжен потоа со заштита на менталната хигиена (читај - избегнување информативни емисии), односно две седмици уживање во тенискиот турнир на Вимблдон и сега најголемата велосипедска трка Тур де Франс?
Пред да го соопштам времетраењето на едно такво ретко волшепство, еве што видов: спокојни луѓе на трибините на и околу белосветските зелени килими во Лондон на кои единствена возбуда им беше дали „нивниот“ фаворит ќе ја мине следната пречка. Навивање и аплаузи без пцости, со оддавање должна почит кон подобриот, макар тој бил противник на домашниот фаворит Мареј, мир и тишина кога тоа ќе го побара судијата, овации на крај и за шампионот Федерер, и за поразениот Родик, за сестрите Вилијамс. Еве неколку дена, пак, се одвива Тур де Франс со директни ТВ- преноси на исклучителни профи-телевизиски екипи, на човек да му е милина, ако веќе не може лично да шета низ Франција, да ја запознае од воздух. И што ќе види? Овие преноси ги следам најмалку петнаесетина години и точно знам каде се повторуваат етапите, а каде се нови. Добро, велосипедистите најчесто ги „туркаат“ по таканаречените национални патишта, автопатиштата тешко можат да се затворат зашто би настанал грозен проблем. Ама и тие божем национални, на кои не се плаќа патарина, брате, како писти, поголеми од нашата автопатска артерија. Па, замоци што ги правел некој некогаш, под конец средени лозја и ниви, чисти улици и нацвеќени балкони и дворови и, таму каде што минува етапата, илјадници луѓе за кои тој ден е празник и не се оди на работа. Лично бев на една етапа што стартуваше во Амиен последната година (2005) кога Ленс Армстронг по седми пат „пожолте“, па можев она што го гледам преку ТВ да го споредам во живо. И покрај сета „гунгула“, откако карванот ќе мине, иако спонзорите врват во едночасовна колона пред него и фрлаат и маички, и багети, и кифли, и колачиња, и сокови, и што уште не, потоа се' останува чисто. Нема најлон кеси, нема пластични шишиња, ама ни ронка нема! Така изгледа и од хеликоптер и од камерите сместени на моторите од кои непосредно се следат овие врвни мајстори на спортот. Очи истерав да најдам некое, барем ѓубренце... И до 26 јули ќе си бидам раат? Ќе гледам Тур де Франс и ќе уживам во Франција. Арно ама...
Е, па, меѓу два преноса, сепак, мора да го напуштите своето засолниште, ако ништо друго, да купите храна. И тогаш доаѓа судирот меѓу ТВ-сликата и овдешната реалност. Спокојството заврши и не помагаат камерите на екипата на Евроспорт. А, ако засолништето ви е уште и во близина на „Зеленото“ или на некој друг пазар во центарот на градот, кренете го погледот кон небото, божем гледате дали и денеска ќе врне или не. Зашто, со нормален поглед може да се изгуби видот: наводниот паркинг кај „Зелено пазарче“ меѓу 5 и 11 часот е претворен во кванташки пазар со сето она што се подразбира под таа бркотница. Тротоарите околу – тезги на земја. Се појавија еднаш божем некакви инспектори, им зедоа податоци на „нелегалните“ продавачи, ама ним не им недостасува ни влакно. До денес. Божемната забрана на најлон кесите – мислена именка. И многу, многу ѓубре!
Потоа, кружејќи околу, излегувате пред парламентот каде што ве очекува најгрдиот тротоар во епицентарот на главниот град! Можеби, си мислам, не го поправаат зашто од него нема ќар – таму не може да се отворат кафулиња за да се собира данок. Кругот низ плоштадот ќе ве одведе до пешачкиот мост пред кејот од кој се гледа дека ништо не се гледа – владее некаков необјаснив застој, па монструозната ограда ќе стои веројатно со години. Направија, рака на срце, убави жардиниери, но родителите сосе децата веќе ги упропастија прескокнувајќи ги кога ги земаат од блиското училиште на булевар „Кочо Рацин“, и тоа во најгустиот сообраќај. Одлична родителска лекција за сопствените деца! Ќе му мислиме кога некој ќе биде прегазен! А, некој да застанеше да казнува, ќе ја наполнеше градската каса! И повторно, многу, многу ѓубре!
Потоа полека пристигнува ноќта. Се палат светилки небаре кандилца, еден куп и не работат, којзнае кога прегореле. Селоградот го надвива темница и влегува во бурните часови кога не важи ниту едно сообраќајно правило (божем преку ден па важи!). Акробатски бравури на вртење, трки на мотоциклистите за кои улицата и плоштадот „Македонија“ тогаш се претесни, животот на малцинството нормални градски луѓе чини најмалку. (Мене лично ме чуди колку внимаваат да не удрат во куче-скитник, но и за тоа добив „лекција“: кучето може да им го оштети скапиот автомобил – човекот не!). Од кафулињата ечи музика со ненормални децибели. (Ако се жалам на пазарите, што ли да кажат луѓето што не можат да спијат од вревата на турбо „супер-ѕвездите“ во сувиот центар и особено, во поново време, по најхит улицата „Ленинова“.) И повторно, главно, се' минува без интервенција на „органите“. Потоа, во ситните часови, тргнуваат „прскалките“ во поход за правење кал од правта. Зад нив останува ѓубре! И ако сакате да се уверите дека сето ова не е измислица, преземете ја мојата „авантура“: прошетајте го целиот град пеш и ќе се уверите дека најгрдиот дел на Скопје е меѓу Железничката станица и „Рузвелтова“ и меѓу Камениот мост и Капиштец. Таканаречениот строг центар!
Кон средината на деведесеттите години на минатиот век, како уредник на Пладневниот радиовесник на Македонското радио, шест месеци, барем двапати седмично, емисијата ја почнував со следнава реченица: „Скопје и денеска осамна како највалкан главен град во Европа“. Дали погодувате дека никој од градот не најде потреба барем да ме испрати во мајчината! Тотален молк!!! Десетина години подоцна, оваа реченица и натаму е актуелна. Јас ги жалам политичките претенденти за градоначалничките места во сиве овие години кога пред избори ни изнесуваат „програми“ со кои ќе направеле чуда. Најмногу би му верувал на оној што ќе каже дека ништо нема да направи зашто не може против жителите на Скопје. Не може ништо против провинцијализмот и апсолутната некултура. Доколку правите анкета, секој ќе ви соопшти по некоја своја слика за грдотијата, но од каде сето тоа? Дали ѓубрето доаѓа од Марс? Дали невоспитаноста ја внесува некој однадвор или самите сме такви? Не, никој нема да признае дека откако ќе ги изеде бурекот, хартијата ја фрла пред себе, а пластичната чаша од јогуртот малку подалеку. Што очекуваат? Кој ќе ја собира гнасотијата по нив? Затоа ги жалам и претходните и актуелните први луѓе на Скопје и на неговите општини. Имаат сограѓани кои не го заслужуваат овој град.
Ќе рече некој: што му е на овој!? Сега, кога пред нас стојат такви предизвици како името, или НАТО и Европската унија, па економската криза и што ли уште не, тој дрдори и попува за некакво ѓубре и некултура. Е, па господа, ако овој феуд не сакаме да се најде таму, а се' повеќе се чини на нашиве феудалци воопшто и не им е до тоа, тогаш Скопје нека остане вакво. И ајде да го избербатиме уште повеќе! Барем за тоа се покажавме големи мајстори!
(Авторот е новинар) |