За пакетче се дава и последниот денар
Производителите и дистрибутерите на чоколади, сепак, признаваат дека пакетчиња не се продаваат како некогаш
Сања Наумовска
Нема криза во побарувачката на новогодишни пакетчиња. За радоста на најмладите, родителите, бабите и дедовците ќе го одвојат и последниот денар само да ги исполнат детските желби и под елката да ги остават омилените слатки. Списокот за Дедо Мраз децата го подготвуваат со денови, а секој пат мора да содржи и понекоја слатка желба. Секако, се купуваат и други подароци, играчки или облека, но ниту една Нова година не смее да се дочека без пакетче. Дали е од „Краш“, „Европа“, „Милка“, „Нестле“ или од „Свислион“, на децата им е најмалку важно. Битно е да е полно со шарени и слатки ситници, чоколади, лижалчиња, кекси, бонбони.... Децата ги сакаат чоколадите „милка“ или „нестле“, „бајадерите“ на „Краш“, но не се откажуваат ниту од шарените лижалчиња-бастунчиња на „Европа“, кои се и слатко задоволство, но и убав декор на елката.
Од продажбата на новогодишните пакетчиња се задоволни и производителите и дистрибутерите на чоколади во земјата, иако признаваат дека пакетчиња не се продаваат исто како некогаш. Бројката секоја година се намалува за одреден процент, а граѓаните соочени со тенкиот буџет се одлучуваат за помали и поевтини производи. Сепак, признаваат, подготвени се да штедат на нешто друго, ама за пакетче мора да има.
„Важно е секоја година да се стави нешто под елката и да се израдуваат децата, но и да не се потроши премногу од домашниот буџет“, коментираат купувачите. Тие се задоволни зашто во последните години има се' поголем избор на пакетчиња од повеќе производители, па секоја година можат со нешто различно да ги изненадуваат децата. Добро се подготвени и производителите кои постојано внесуваат новини во понудата со цел да привлечат повеќе купувачи.
Во нашата најголема фабрика за чоколади „Европа“ паметат и времиња кога продавале и по 70.000 новогодишни пакетчиња преку синдикатите на големите работни организации. „Фирмите сега се' поретко купуваат подароци за децата на своите вработени, па за пакетчиња најмногу се интересираат родителите и блиските од семејството“, вели Ефка Кузмановска, комерцијална директорка во „Европа“, и нагласува дека граѓаните многу бираат пред да се одлучат да купат. „Најчесто изборот паѓа на помалите и поевтините комплети. Последниве години бројката на подготвени пакетчиња од фабриката е трипати помала и е израз на се' помалиот домашен буџет на граѓаните, но и големата конкуренција на пазарот“, објаснува Кузмановска.
Желбите на купувачите се едно, но нивните можности друго, велат во „Краш“, од каде што потврдуваат дека продажбата на нивните пакетчиња со години наназад држи некоја линија на стабилност, но само кај поевтините варијанти. Сепак, велат во компанијата, квалитетот на нивните производи е добро познат на потрошувачите, па тие секоја година се враќаат кај нив. „Споредби со времињата кога македонските граѓани имале повисок стандард не може да се прави, но последниве години нема значајно намалување на побарувачката на новогодишни пакетчиња“, објаснуваат во „Краш“. Граѓаните, сепак, не ги избираат најскапите пакетчиња, туку гледаат да поминат поевтино. Најмногу се трошат пакетчињата од 450 до 600 денари, а помалку оние од 1.000 денари. |