Партијата на Јанша бара отстранување на спомениците на Тито
Во масовната гробница во рудникот Барбарин ров се пронајдени останки од повеќе стотини луѓе убиени по Втората светска војна
Љубљана- Партијата на поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша бара отстранување на спомениците на Јосип Броз Тито и промена на имињата на улиците и плоштадите, кои го носат неговото име.
По откривањето на масовната гробница во рудникот Барбарин ров, во кој се пронајдени посмртните останки на повеќе стотини луѓе, убиени по Втората светска војна, Словенечката демократска партија ги повика граѓаните да покренат постапки за промена на имињата на улиците и плоштадите кои се уште го носат името на Тито, како и за отстранување на неговите споменици во музеите.
Партијата на Јанша соопшти и дека "ја споделува згрозеноста" со претседателот на Сојузот на борците за вредностите на НОБ, Јанез Станковиќ, кој изјави дека тие повоени убиства не се случувале под команда на партизаните, туку на врховниот командант на тогаш формираната Југословена армија, Јосип Броз Тито.
Партијата на Јанша смета дека поради тоа неприфатливо е која било словенечка улица или плоштад и натаму да го носат името на Тито.
Коментирајќи го повикот на Словенечката демократска партија, словенечкиот премиер Борут Пахор изјави дека тој на партизаните и на водењето на тоа движење од страна на Тито гледа како на нешто позитивно.
Пахор на прес-конференција напомена дека сепак повоената личност на Тито, "како лидер на недемократско движење" за него не е ниту пример, ниту инспирација, туку предупредување на идното однесување.
Тој нагласи дека не ја поддржува особено оваа иницијатива, бидејќи, како што рече "Тито е дел од некое историско сеќавање и во добро и во лошо, како и предмет на одлуките во минатото". (МИА)
|