За масакрот од Овчара 193 години затвор
Масакрот на 200 хрватски затвореници се случи кога ЈНА го зазеде Вуковар во ноември 1991 година
Информациите за потврдената пресуда за егзекуторите во концентрациониот камп во Овчара не оставија никого рамнодушен во Хрватска. Окружниот суд во Белград завчера осуди 13 Срби од т.н. Вуковарска група на вкупно 193 години затвор, под обвинение дека учествувале во масовното стрелање на хрватски воени заробеници во реонот на Вуковар во ноември 1991 година.
Вуковарската група претходно беше осудена за стрелање на воените заробеници, но во 2006 година Врховниот суд на Србија ги поништи пресудите и побара повторување на целиот процес.
Од 18 обвинети, петмина беа ослободени од обвинението, а на повеќето од нив драстично им беа намалени казните. Некои ќе бидат пуштени на слобода по неколку дена. Во првостепената пресуда вкупната бројка на изречени пресуди изнесуваше 231 година затвор, но по повторното судење на 13 обвинети им беше изречена намалена вкупна казна од 193 години. Таквата одлука на Судскиот совет, според Томо Качинари, претседател на Здружението на хрватските доброволци во Татковинската војна, значи дека сите жртви повторно се убиени.
Мирољуб Вујовиќ, еден од осумнаесеттемина обвинети за злосторствата во Овчара, беше осуден на 20 години затвор. Вкупно 13 обвинети беа осудени на 193 години затвор, пресуди што се движеа од пет до 15 години затвор, додека петмина беа ослободени од обвиненијата за убивање на 200 хрватски затвореници ноќта меѓу 20 и 21 ноември 1991 година во поранешната фарма Овчара, во близина на Вуковар.
Масакрот во Овчара се случи кога ЈНА, во која доминираа Србите, го зазеде источниот хрватски град Вуковар во ноември 1991 година, по опсадата што траеше со месеци. „Овие луѓе повторно беа убиени. Што друго да се каже освен дека ова с��дење е доказ оти жртвите од хрватската Татковинска војна се омаловажени. Трагедијата е во тоа што за сериозни злосторства се изречени затворски казни од 20, 30 или 40 години, додека тука каде што стотици лица се убиени најголемата пресуда е 20 години затвор. Што се 20 години од нивниот живот? Уште поголема трагедија е тоа што повеќето од нивните пресуди се намалени, а петмина се ослободени од обвинението“, изјави Томо Качинари за веб-страницата javno.hr. Тој се обидел да контактира со семејствата на жртвите веднаш штом дознал за пресудите, но не успеал во тоа. „Претпоставувам дека тие ја очекуваа пресудата во Белград. Замислете како се чувствуваат сега. Овие криминалци беа наградени за своите дела. Пресудата уште еднаш ги уби овие луѓе“, заклучи Качинари.
Анто Џапиќ од Хрватската партија на правото (ХСП) се согласи со него и го опиша случајот како срамота. „Оваа пресуда докажа дека Овчара е злосторство што никогаш не беше казнето и Хаг не требаше да го пропушти. Дали навистина очекувавме од Србија дека ќе спроведе фер судски процес за воени злосторства? Верувам дека сето тоа беше само претстава, судскиот процес се одолжи шест години и на крајот немаме ништо. Секако, нема да има правда за жртвите од Овчара и не е добро да се жалиме, бидејќи изгледа оти пресудите би биле дополнително намалени со секој следен судски процес“, заклучува Џапиќ. „Запрепастена сум“, изјави Вероника Душко, една од роднините, за Ројтерс. „Такво злосторство, а изречените пресуди се толку мали. Тоа е неправда, тоа е лудило“.
Информацијата за пресудите за Овчара длабоко го погоди Иван Панџа, претседател на Здружението на хрватски воени инвалиди на градот Загреб. „Максималната казна е 40 години затвор. Дали е тоа в ред? Па нашите генерали добија многу повеќе, а не извршија толку сериозни злосторства како оние што беа судени за злосторствата во Овчара“, изјави Панџа. Тој додаде дека е разочаран од пресудата и дека, според него, 40 години се премногу мала казна за оние што убиваа и дека треба да се изрекува казна доживотен затвор за одредени злосторства. Покрај тоа, Панџа посочи дека пресудата е особено жална, бидејќи во Овчара не беа убиени само војници. „Имаше голем број повредени цивили меѓу убиените лица. Како тие можеа да убиваат невооружени, повредени луѓе?“, праша Панџа. (Јавно.хр) |