Нема да има одмазда за нападите на ИРА
Милитантните паравоени лојалистички организации тврдат дека нема да се одмаздуваат
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Водачот на најголемата паравоена организација на северноирските лојалисти, Џон Мекдоналд, смирувачки порачува дека нема да има одмазда за убиствата што ги извршија припадници на дисидентските групи на тамошните републиканци, настојувајќи, како што се чини, и тој да даде некаков свој придонес во (барем јавно) општо истакнатата заложба на сите чинители во шарената политичка, верска и идеолошка сцена.
Мекдоналд, кој себе си се означува како „бригадир“ на УДА (Асоцијација на одбраната на Алстер) беше меѓу повеќето илјади учесници во мировните протести против насилството во Северна Ирска, што се одржаа во неколку градови во покраината. Тој беше меѓу оние кои се собраа пред зградата на Градскиот совет на Белфаст, па вели дека „нема опасност од одмазда и од возвраќање“ за убиството на двајцата војници во градот Антрим и за полицаецот од Креигавон. „Повеќе граѓани ми се јавија последниве неколку дена за да побараат од мене да нема возвраќање”, признава Мекдоналд, објаснувајќи дека во разговорите што ги имал со луѓето во покраината, сите велат дека не сакаат работите да се вратат таму каде што беа во годините на војувањата меѓу лојалистите и републиканците.
УДА е една од неколкуте паравоени и милитантни организации на лојалистите, протестанти во Северна Ирска, кои со оружје во рацете војуваа за останување на покраината во рамките на Велика Британија. Нивната борба и оружјето што го употребуваа беа насочени против републиканците, католици кои на ист таков начин се бореа за отцепување на преостанатите шест области од Ирска кои се под британска управа и за нивното приклучув��ње кон Републиката. За нив, Северна Ирска е последното парче од ирскиот остров што се наоѓа под британска окупација, па тоа мора да се ослободи онака како што беа ослободени од колонијалната власт на Британија, областите што денес ја чинат територијата на Република Ирска. Како и оние кои беа членови на разните групации на ИРА, така и припадниците (или доброволците) на УДА имаат извршено бројни акции за напади врз републиканците, што уште ги нарекуваат и националисти, како и за одмазда кон локалните католици. Според сознанијата на истрагата која се занимаваше со последиците од војувањето и настојуваше да утврди колку точно жртви имаше на двете страни во 35-годишното војување, само „борците“ од оваа лојалистичката УДА имаат убиено над 260 луѓе, кои главно, се католици-цивили.
Другата ваква организација на лојалистите протестанти УВФ (Алстерски доброволни сили) се дознава дека одржала „вонредна седница“ во понеделникот, по убиствата на војниците, а пред да биде застрелан полицаецот. Не се знае ниту каде се состанале, ниту што зборувале, но нивни претставник тврди дека и тие заклучиле оти не треба да има одмаздување. Од истиот извор се дознава дека активистите на овие лојалистички „доброволци“, се „растрчале“ по покраината и велат сега „засилено работат на теренот“ за да спречат каква било акција за возвраќање за убиствата на републиканците. Доколку е тоа навистина така, станува збор за охрабрувачки знак, можеби и со поголема тежина од единството што го манифестираат политичарите во настојувањето да не се дозволи растурање на мировниот процес. Дури и Мекдоналд го пофалува однесувањето на својот, некогаш како член на ИРА, „смртен непријател“ Мартин Мекгинис, зашто се појави во Белфаст заедно со шефот на полицијата на Северна Ирска и во специјална изјава за јавноста ги нарече напаѓачите во двата напада од саботата ноќта и понеделникот пред полноќ „предавници на целиот остров Ирска“.
„Бригадирот“ Џон Мекдоналд смета дека ваквата реакција на Мекгинис, како втор човек на Шин Феин, најголемата и (засега) највилијателната партија на републиканците и католиците, е „многу охрабрувачки и надежен момент“. Водачот на УДА, сепак, признава дека постои опасност одметнатите републиканци да се обидат да извршат напад врз лојалистите, сакајќи на тој начин да испровоцираат возвраќање и одмазда, за потоа да постои оправдување за обновеното насилство. Сега се откри дека безбедносните сили од двете страни на границата што ги раздвојува северната (британска) покраина од јужната Ирска Република, уште од понеделникот се во напрегнато трагање по „експлозивна направа“, или како што се нарекува „голема бомба“ од околу 150 килограми, за која разузнавачите тврдат дека е прошверцувана од Ирска во Северна Ирска од страна на припадници на т.н. вистинска ИРА. Се стравува дека бомбата е сместена некаде во покраината и дека е подготвена за извршување терористички напад, но разузнавачите се' уште не знаат ниту каде би можела да биде, ниту каде би можела да се употреби. Премиерот на Ирска, Брајан Кауен, изјави пред пратениците во Далот (Долниот дом) на Парламентот во Даблин дека разузнавачките служби на двете земји „работат како никогаш досега“ на спречувањето распалување на насилството, какво што имаше пред повеќе од петнаесетина години.
Вистинска ИРА е позната по своите напади од минатото, користејќи автомобили-бомби, во нејзината борба за „ослободување“ на покраината од „тиранијата и окупацијата“ на Британците. Во еден таков напад, како знак за несогласување со спогодбата од Стормонт од Велипеток во 1998 година и со напуштањето на борбата од страна на старата ИРА, припадниците на „вистинската“ извршија терористички напад во градот Ома, само три и пол месеци подоцна, убивајќи 29 луѓе, меѓу кои мајки со деца, како и обични луѓе, кои во центарот на градот дошле на шопинг. По нејзиното повторно огласување, со убиството на двајцата војници и на уште четири лица, меѓу кои и двајца испорачувачи на пици, безбедносните служби во Белфаст стравуваат дека таков напад, како оној пред пред повеќе од десет години, би можел да ја погоди покраината.
Она што ги загрижува безбедносните сили е тоа што МИ5 и другите британски разузнавачки служби немаат сознанија кој сега стои зад групациите на ИРА што не го прифаќаат разоружувањето, мировниот процес и учеството на Шин Феин во локалната власт, без разлика што таа има голема автономија во однос на Лондон. Се претпоставува дека како „вистинска“ ИРА или во „постојана“ се млади луѓе, како и тоа дека во последните два напада биле координирани. Еден млад човек од Лондондери, облечен во зелено и со грбот на Ирска на блузата, призна дека одбил да се приклучи на протестот против обновата на насилството, мирно велејќи за една лондонска ТВ-станица дека „има разбирање“ за убиствата.
|