Македонската берза само гаси пожари на краток рок
Ситуацијата ќе се промени кога ќе преовладее поголем оптимизам
Соња Маџовска
Цените на акциите на Македонската берза и натаму се топат, прометот е исклучително низок. Што може да ја врати Берзата во нормала? Никој не може да даде конкретен одговор. И првиот човек на Берзата, Иван Штериев, признава дека засега само краткорочно се гасат пожари, долгорочно заживувањето на Берзата ќе зависи од успешното работење на компаниите.
Тој смета дека во овој турбулентен период во последните неколку месеци менаџментот презел неколку мерки со цел да ги ублажи негативните трендови, односно по неколкудневни драматични падови на индексите, се воведоа ценовни ограничувања. Според Штериев, Берзата дури презела и многу повеќе во споредба со другите.
„Многу брзо реагиравме на состојбите на пазарот со промена на ценовните ограничувања во неколку наврати. Сите мерки што може да ги преземе Берзата, како пазар на кој се спојуваат понудата и побарувачката, се од краткорочен карактер. Од тој аспект и се менуваат ценовните ограничувања. Доколку подолго време има нарушени односи на понудата и побарувачката, тоа не може да се промени, ситуацијата ќе се промени кога преовладее поголем оптимизам“, објаснува Штериев.
Ценовни ограничувања и во моментот важат на Берзата. Помалку тргуваните акции можат да одат во плус или минус 20 отсто, а континуирано тргуваните акции и натаму се движат во рамките од плус минус 10 отсто. И вчера Берзата отиде во минус, иако за малку, за 0,30 отсто. Штериев смета дека никој не може да прогнозира какви ќе бидат движењата на пазарите и во 2009 година. Според проекции на швајцарски банки, глобално смирување може да се очекува кон средината на идната година.
Во врска со процесот на интеграција или продажба на Берзата, Штериев вели: „Тие процеси се започнати уште пред кризата и ќе продолжат и во сегашни услови. Многу сме проактивни во тој дел, кога ќе има нешто конкретно, ќе ја информираме јавноста“, изјави Штериев на вчерашната тркалезна маса на која Македонската берза ги презентираше резултатите од пилот-истражувањето на веб-страниците на котираните компании. Тие се согласуваат дека треба да бидат транспарентни и да ги отк��иваат финансиските и нефинансиските информации за да привлечат инвеститори. „Резултатите од истражувањето се позитивни, но, секако, има простор за подобрување“, изјави Џефри Мазула, директор на програмата „Партнери за финансиска стабилност“, кој ја спореди транспарентноста на македонските фирми со фирмите од регионот. |