Светската елита на меморијалот „Таљ“
Од денеска до 14 ноември во Москва ќе се одржи 5. Меморијален шаховски турнир „Михаил Таљ“ во чест на осмиот светски шампион од Летонија. Годинашното издание на турнирот што се игра по Бергеров систем е од 21. категорија, со просечен рејтинг на десеттемина учесници од дури 2757 поени! Учествуваат петмина од „топ 10“ на листата на ФИДЕ, на чело со третопласираниот Левон Аронјан (2801), кој е прв носител на меморијалот. Меѓу натпреварувачите се и Владимир Крамник (2791), Александар Гришчук (2771), Шахријар Мамедјаров (2763), Сергеј Карјакин (2760), Павел Елјанов (2742), Борис Гелфанд (2741), Хикару Накамура (2741), Алексеј Широв (2753) и Ванг Хао (2727).
По завршувањето на турнирот по класично темпо, меморијалот продолжува со Светското првенство во брзопотезен шах. Учествуваат 22 шахисти, меѓу кои и бранителот на титулата Магнус Карлсен (2802), Руслан Пономарјов (2744), Тејмур Раџабов (2744) и Петар Свидлер (2722). |