Лазар Лечиќ не е заборавен
Миодраг Мицковиќ
Не е потребно многу да пишуваме за него. Сигурно наш најпопуларен и најтрофеен кошаркарски тренер, кој во анкетата на поранешниот спортски весник „Скок“ беше прогласен за тренер на векот во Македонија. Лазар Лечиќ сигурно го заслужи тоа признание. Го водеше Работнички во времето на најголемите негови успеси, беше тренер на МЗТ Скопје, на Борац од Чачак, во времето на Драган Кичановиќ, на Олимпија од Љубљана, Војводина, грчките клубови Филипос и на Арис со Никос Галис, иницијатор на многуте кошаркарски кампови, член на Стручниот штаб на поранешната југословенска репрезентација со Ранко Жеравица.
Сопственик на златниот медал од Светското првенство во Љубљана кога Југославија под раководство на Жеравица и Лечиќ го освои светскиот трон, тоа беше прва светска титула на таа трофејна кошаркарска генерација на Југославија.
Цел еден спортски роман може да се напише за популарниот Лазо, во свое време беше и ракометен и ватерполо голман, играше кошарка, што се' не за да своето место го најде во македонската и поранешна југословенска кошарка како еден од најдобрите тренери во таа блескава кошаркарска историја.
Дека Лазар Лечиќ, сепак, остави траги во југословенската, не само во македонската кошарка, покажува и последното писмо од Олимпискиот комитет на Словенија, потпишан од прославениот гимнастички ас, денес претседател на ОИ на Словенија Мирослав Церар кој го повикува Лазар Лечиќ да присуствува на големата свеченост што ќе се одржи во Словенија од 11 до 13 декември. Повод е одбележувањето на 40-годишнината од освојувањето на првата светска титула на кошаркарската репрезентација на Југославија во првенството што се одржа во Љубљана во далечната 1970 година. На тоа Светско првенство, Југославија во конкуренција на САД, Русија и Бразил стана светски првак. Дел од таа екипа, од тој успех беше и Лазар Лечиќ прв асистент на тренерот Ранко Жеравица. Свеченоста ќе се одржи на Горските Брда кај Нова Горица во хотелот „Сончев ден“.
Повикани се сите кошаркари, кои учествуваа во тој подвиг, членови на Организациониот комитет, Стручниот штаб, функционери на тогашниот Кошаркарски сојуз на Југославија.
Да се потсетиме на таа златна генерација: Иво Данеу (капитен), Крешимир Ќосиќ (починат), Петар Сканси, Винко Јеловац, Аљоша Жорга, Драган Капичиќ (денес претседател на КФ на Србија), Трајко Рајковиќ (починат), Љубодраг Симоновиќ, Ратомир Тврдиќ, Дамир Шолман, Никола Плеќаш и Миодраг Чермак.
Претседател на Организацискиот комитет тогаш беше Стане Доланц, претседател на Стручниот совет Борис Кристанчиќ, претседател на Кошаркарскиот сојуз на Југославија Радомир Шапер (починат). Во тоа време генерален секретар на ФИБА беше Борислав Станковиќ.
За големиот успех во Љубљана и освојувањето на титулата светски првак сите кошаркари и членови на Стручниот штаб беа наградени од претседателот Тито со по скапоцен златен часовник „„Шафхаузен“. Лазар Лечиќ го има и денес, го чува во сефот во банка како реликвија.
„Мојот часовник е под бројот 52, денес има голема вредност. Ми нудеа куп пари да го продадам, не се согласив. Тоа е спомен кој не се заборава“, ни раскажува деновиве Лазар Лечиќ, кој со гордост ни го покажуваше писмото на Олимпискиот комитет на Словенија, среќен што не е заборавен и што наскоро ќе се види со живите учесници на тој голем спектакл и успех на поранешната југословенска кошарка бидејќи и тој беше дел не само на тој туку и на многуте успеси од 1965 па се' до 1979 година кога беше тренер и член на Стручниот штаб речиси на сите селекции на Југославија со 25 освоени разни медали на големите натпреварувања. Учеше од кошаркарската тренерска легенда Александар Николиќ, работеше со Ранко Жеравица, со Душан Ивковиќ и со Мирко Новосел...
Денес Лазар Лечиќ е во заслужена пензија, можеби по малку заборавен. Особено кога се доделуваа и се' уште се доделуваат спортските пензии на најистакнатите македонски спортисти. Тука во таа распределба остана заборавен иако на тој ��писок има спортисти со помалку вредни трофеи од него. Или можеби немаше кој да го предложи? |