Трето полуфинале за Јотовски во Чиле
Томислав Јотовски стигна до полуфиналето и на третиот фјучерс во низа во Сантјаго, кој се игра неделава на земјени терени во главниот град на Чиле и за награден фонд од 10.000 долари. Македонскиот тенисер и неговиот чилеански партнер Карлос Гонзалез-Леива на стартот ги совладаа домашните претставници Родриго Енсинас и Виктор Нуњез со 6-3, 4-6, 12-10, а во три сета беа подобри и од шпанско-португалската комбинација Хавиер Банос Пантоха и Гонкало Переира, победувајќи ги со 4-6, 6-3, 10-5. Противници на Јотовски и на Леива во синоќешното полуфинале им беа првите носители Гилјермо Ривера-Арангуиз и Кристобал Саведра-Корвалан, обајцата од Чиле, кои го освоија претходниот турнир.
Во сингл, пак, повремениот тениски репрезентативец на Македонија повторно е запрен во второто коло, и тоа од својот дубл-партнер на двата претходни фјучерса, Переира. Португалецот, 792. на АТП-листата, го елиминира Јотовски (1255.) со 6-4, 6-4. (Р.Д.) |