Женски муабети
Во здраво тело, младешки дух
Гордана Деан-Поп Христова, кореографка
Гордана Деан-Поп Христова, кореографка, жена што стои цврсто на земја и ги насочува работите и во професијата и во семејството
Валентина Тодоровска
Гордана Деан-Поп Христова е личност за која се врзуваа�� неколку мистики, а љубопитноста на луѓето најчесто е врзана за нејзиниот изглед (родена е 1960), а втората за брачниот сопатник (Кирил Поп Христов). Третата работа ја идентификува успешноста на Гоца со нејзиниот карактер, ама и за професионализмот и за стабилноста што ги носи како гентичка карактеристика.
Оваа интересна жена со меко „л“ во изговорот најпрофесионално ги спои квантитетот и квалитетот и во работата и во семејството. Има безгранична енергија и токму затоа морате да ја почитувате - никогаш не и' е тешко да танцува, да слуша и да им верува на луѓето. Еве што уште дознавме за неа.
Што е „Ребис“ во твојот живот и ти во неговиот живот?
- „Ребис“ е борба да се опстои, да се даде вистински придонес за развојот на модерниот балет во нашава земја, да се дадат насоки за новите генерации, значи упорност во настојувањето квалитетот секогаш да биде на прво место. „Ребис“ е незаобиколен дел од културниот живот во Македонија, така што не поминале ниту една значајна манифестација, културен настан, фестивал без учество на „Ребис“. Во добрите времиња, кога Македонска телевизија имаше богата продукција, имавме направено повеќе од сто кратки кореографии за Забавната и за Културната редакција, соработувавме успешно со Гордана Куновска, Ели Танаскова, а би можела да ги издвојам режисерите Стојан Стојановски, Љупчо Стојановски, Љупчо Билбиловски, Виолета Џолева, со кои направивме вистински мали ремек-дела, како што се „Бела соба“, „ТВ-постер“ на „Ребис“, на кои и денес, кога ТВ-продукцијата е многу побогата во техничка смисла, се' уште сум горда.
По професија си кореографка. Ги паметиш ли настапите на „Ребис“ и има ли периоди кога во недостиг од инспирација имаш страв да не се повториш?
- Кореографијата беше остварување на мојот животен сон. Завршив класично балетско образование, меѓутоа многу рано почнав да се интересирам за модерната балетска уметност, се запознав со делото на Марта Греам, Хозе Лимон, Елвин Ејли... така што го оставив класичниот балет зад себе и почнав да откривам свет на движење без шаблони, без канонизирани форми, што беше вистинска работа за мојот сензибилитет како играч и кореограф. Инаку, имаше еден период на криза предизвикана од кризата во општеството, кога поради недостиг од финансии на организаторите на манифестации им беше важно само да има танчарки на сцена, а тоа дали се квалитетни играчи не им беше битно... Меѓутоа, не се предадов и тоа ми даде поголема сила за работа и за создавање професионални играчи и нивно вистинско место во нашиот културен живот.
Прочитав твоја изјава дека „Ребис“ повеќе не е естрада, туку уметност. На што конкретно мислеше?
„Ребис“ долги години беше дел од естрадата и уште е. Но, плановите ни се повеќе да работиме на сопствена продукција, така што претставите, како што се „Пепелашка“, „Пасион“, „Шенген“, „Црвенкапа“, „Калеидоскоп“, „Ориент експрес“, се само вовед во она што го планираме понатаму. Тоа е работа на проекти со професионални играчи и актери што ќе ја афирмираат модерната танцова уметност и танцовиот театар, кој не е доволно застапен. Првиот од танцовите проекти каде што ќе учествуваат и танчарите од „Ребис“ е претстава „Like“, која е закажана на 12 јуни во МНТ Центар и претставува танцов театар инспириран од феноменот на „Фејсбук“. Во претставата ќе играт актери и танчари, а покрај музиката и танцот, ќе биде застапена и актерската игра, како и видеоартот.
Ти си веќе натурализирана Македонка. Зборуваш македонски, имаш круг на свои пријатели, свои места. Сепак, што ти недостасува од родниот Нови Сад?
- Најсреќна сум кога некој ќе ми каже дека добро зборувам македонски, затоа што ми беше тешко да го научам и се' уште грешам во граматиката. Сега имам проблем со српскиот јазик, така што ми се потребни неколку дена кога ќе појдам во мојот роден Нови Сад за да проговорам убаво српски. Инаку, се чувствувам како Македонка, тука се моите пријатели, мојата фамилија, „Ребис“, соработниците. Моите најдобри другари од Нови Сад се иселија во Америка, Канада, секаде во светот за време на кризата во бивша Југославија. Кога одам во родниот град, шетам низ прекрасните улици, но веќе не го чувствувам тој мир, питомоста на луѓето, познатите лица веќе ги нема...
Што те навлече на Скопје?
- Дојдов првпат пред 19 години, пред тоа никогаш не бев во Македонија и морам да признам дека имав предрасуди, а една од нив беше и дека е тоа земја на југ каде што постојано е топло. Затоа првата зима во Скопје навистина ме заледи. Ако нешто ме навлече да останам, тоа е мојот сопруг и театарот во Македонија. Откако ја работев првата претстава во МНТ, па се' до денес, тоа е мојата вистинска љубов. Навистина ги обожавам македонските актери и нивниот пристап кон сценското движење, неверојатен талент од маните да направат доблести.
Твојата љубовна приказна со Кирил Поп Христов е прилично интересна - пред да го сретнеш, имаше сосема среден и спокоен живот. Со што те освои? Дали во тие периоди на одлуки личеше на Ана Каренина?
- Пред да го сретнам Кили, животот ми беше мирен, среден, водев, исто така, студио во Нови Сад, бев мажена за интелигентен и внимателен човек и имав прекрасна ќерка. Периодот кога отидов во Суботица во театарот КПГТ на Љубиша Ристиќ беше пресуден да го запознам Кили и тој да внесе радикални промени во мојот живот, поточно да го сврти на глава. Верувам во тоа дека судбината може да ни го смени животот и без наша волја и тоа што се запознавме и се' понатаму - мораше да се случи. Среќа е тоа што мојот бивш сопруг беше особено толерантен човек, така што немаше патетични нешта во нашиот раскин и, за среќа, не завршив како Ана Каренина.
Во тоа време, кога велиш животот ти се сврти „на глава“, кога и да те видев со Кили, вие постојано се бакнувавте. Колку страста е важна за создавање база?
- Со Кили се сакавме навистина многу и се' уште се сакаме. Се разбира дека секоја врска, па и нашата, има свои плими и осеки и дека не постојат идеални бракови (едноставно, премногу се добри за да бидат вистински), но мислам дека сите проблеми и тешкотии полесно се совладуваат ако врската е втемелена на длабока љубов. Вистинската љубов, не заљубеност, созрева дури по сите добри и лоши нешта што ќе ги поминете со партнерот. А ако некого не сакаш, не можеш да ги издржиш и лошите моменти, а по извесно време и добрите работи почнуваат да те нервираат, на пример ако се смее, не ти се допаѓа како се смее, те нервира како зборува, дише, мириса... тешко е да се живее со некого кого не го сакаш.
Со својата оригиналност и нетипично однесување, Кили им стана симпатичен на многумина. Сепак, лесно ли е да си негова жена? Те подмладува ли во смисла дека со него како да имаш уште едно дете?
- Кили е прекрасен татко, можеби не изгледа така, меѓутоа е еден од најдобрите татковци што ги знам. Создаден е од спротивности, се' што мислат луѓето што не го познаваат, па заклучуваат врз неговата надворешност, сосема е различно од тоа што Кили е навистина. Целосно сме различни, тој е екстровертен, комуникативен, премногу отворен, брз во донесувањето одлуки, а за да не одлета превисоко, тука сум јас да го земам за рака и да го спуштам во вистинскиот момент.
Можеби станав посериозна за да бидам столб, некој во фамилијата мора да е реален и да стои цврсто на земја. Инаку, имаше многу убедувања од моите пријатели дека не ми паметна идеја да се селам во Скопје со човек кого го знам десетина дена, но толку беше силна нашата љубов што не потклекнав и ниту еден момент не застанав да размислим рационално за одлуката. Кили ме маѓепса со големината на својот талент за глума, но и за музика, тој свиреше клавир маестрално, беше елоквенетен, духовит, шармантен, згодан и убав маж. И така почна нашата Одисеја.
Прв период на заљубеност во кој се' беше како во бајка, првите денови во Скопје како во сон ми поминаа во одушевеност од се', од градот, луѓето, театарот... Потоа следуваше постапно враќање во реалноста, обврски, работа, школување на децата, рутина, проблеми од секојдневјето и навистина чувството на вљубеност се трансформира во нешто друго, што не е интензивно на таков начин, но е подлабоко и што луѓето го викаат љубов и се во право. Кога живееш со некого толку години, му ги знаеш слабостите, маните и доблестите, а се' уште се радуваш кога ќе се разбудиш покрај него наутро, тоа мора да е љубов.
Кили остана верен на заедничките идеали?
- Мислам дека сите овие години не' држи нешто што не' врзува длабоко, разбирањето што го имаме еден за друг како луѓе, суштинска грижа за другиот и желба да се заштитиме меѓусебно од надворешниот свет, кој станува се' посуров.
Не мислам дека некои надворешни работи, како што се добриот изглед, материјалните нешта или статусот во општеството имаат влијание на долготрајноста на врската или на бракот, барем кај нас тоа не игра никаква улога. Мене ми е најважно тоа што Кили не ги предал идеалите што ги имавме двајцата уште како млади, никогаш не станал шраф во машината наречена консумерското општество.
Тоа што се сакаме се' уште, по толку години, е чудо што не му се случува на секого и затоа сме благодарни.
Имаш тело на кое би ти позавиделе многу тинејџерки. Генетика, вежбање или?
- Цел живот вежбам, прво балет, а сега редовно аеробик. На жените што доаѓаат кај мене на вежбање им кажувам дека се' може да се смени ако постои упорност. Да не вежбав, ќе имав сто килограми, бидејќи сум склона кон дебелеење, имам природно широки колкови и тоа што и сега изгледам пристојно е само резултат на редовно вежбање.
Како би сакала да ја дочекаш староста?
- Кога мислам на староста, сакам да биде период во кој ќе се посветам на самосознавање, мислам дека ќе се преселиме во некое мирно, потскриено место покрај море за да се соочам со самата себе во тишина и мир... И се надевам дека мирот ќе ми го нарушат само многуте внучиња од моите две ќерки...
|