Ѓубрарината останува со стара цена
Цената на ѓубрарината и понатаму останува иста откако Советот на Скопје вчера го одложи разгледувањето на барањето на „Комунална хигиена“ за зголемување на цените на услугата. Според мнозинството советници, јавното претпријатие не понудило издржан елаборат за начините за надминување на финансиските тешкотии, кои не можат да се решат само со зголемување на цената. Од Советот веќе трет пат во последните месеци се бара поскапувањето на ѓубрарината само со едноставно образложение дека цената не е зголемувана седум години, како и дека механизацијата е со просечна старост од 25 години.
Советот побара и детален увид во списокот должници на „Комунална“, висината на побарувањата и податоци дали должниците редовно се тужат. Проблематичен е и процентот на наплата, а особено е низок оној на редовните плаќачи, кој се движи околу 35 проценти. Менаџерите треба да одговорат и зошто, покрај финансиските тешкотии, го зголемиле бројот на вработени за 10 проценти.
Советниците побараа од менаџерскиот тим на претпријатието да најде начин за зголемување на наплатата бидејќи, како што нагласија, не е фер на оние кои плаќаат да им се зголеми месечната обврска, а оние кои не плаќаат да не претрпат никакви санкции. (С.Н.) |