Девет милиони денари субвенции за „Паркови“
Советот на Скопје одобри субвенционирање на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. На вчерашната седница беше одлучено на претпријатието, од буџетот на Градот, еднократно да му бидат префрлени девет милиони денари. Поголемиот дел од парите се за завршеното хортикултурно уредување на клучката „Континентал“, за што, за да биде завршено во предвидениот рок „Паркови“ дополнително ангажирале 30 сезонски работници.
Како што информираше директорот на јавното претпријатие Душан Авировиќ, дел од средствата од субвенцијата се наменети за плаќање на купени машини, а остатокот ќе биде наменет за награда на сите 530 вработени во „Паркови“, кои пред Нова Година ќе добијат плус 30 проценти од својата плата.
Дел од советниците кои ја поддржаа субвенцијата нагласија дека ова е крајна и непопуларна мерка која најчесто се користи за претпријатија кои самите не можат да ги сервисираат своите обврски. Заради тоа, побараа да се најде начин на градските јавни претпријатија да им се обезбедат можности за работа, со кои тие нема да се најдат во ваква незавидна состојба како сега. (С.Н.) |