Парното во Скопје-Север поевтини за 15,88 отсто
Новата цена на топлинската енергија ќе важи ретроактивно од 1 ноември
Корисниците на парно на Топлификација „Скопје-Север“ добија поевтино парно за 15,88 отсто. Вака одлучи вчера Регулаторната комисија за енергетика, чија конечна одлука, што ќе биде донесена денеска, ќе важи ретроактивно од 1 ноември.
И од Регулаторната комисија и од Топлификација „Скопје-Север“ сметаат дека овој пат Уставниот суд нема да има ништо против ваквата одлука, со оглед дека таа е во интерес на граѓаните. Од Регулаторната комисија велат дека потрошувачите од овој дел на градот сега ќе добијат намалени ноемвриски и декемвриски сметки. Кон крајот на декември регулаторите повторно ќе ја преиспитуваат цената на парното, кога всушност, ќе ја направат и редовната годишна пресметка, којашто ќе треба повторно да покаже дали ќе има нова корекција на цената на топлинската енергија. Според регулаторите, поевтинувањето на мазутот што, главно, го користи Топлификација „Скопје-Север“, доведе до намалување на трошоците на компанијата, што всушност беше и причина за намалување на цената на парното.
Драган Макенаџиев, директор на Топлификација „Скопје-Север“, вели дека нивните математики покажале дека цената на топлинската енергија треба да се намали за 15,88 отсто, а со предложениот процент овој пат се согласиле и регулаторите.
„Наместо 3,75 денари киловат-час потрошена топлинска енергија, со намалувањето од 15,88 отсто сега ќе чини 3,15 денари, а одлуката ќе важи ретроактивно од 1 ноември“, објасни Макенаџиев. (Сн.К.) |