Отсега сметките ќе се плаќаат и преку банкомат
Стопанска банка ги претвора банкоматите во мали филијали и сите сметки ќе се плаќаат преку банкомат, без провизија
Соња Маџовска
Заврши ли, конечно, времето на големи турканици пред банкарските шалтери? Стопанска банка вчера објави дека ги претвора банкоматите во мали филијали, преку кои ќе може да се плаќаат разновидни сметки. Очигледно многубројните критики од граѓаните ги натераа и домашните банки да размислуваат европски, па Стопанска банка излезе со нов проект таканаречен „и-банкинг“.
Тоа значи дека од 1 ноември корисниците на деб��тните и на кредитните картички од Стопанска банка ќе можат да плаќаат сметки за телефон, интернет, телевизија, струја, вода, парно преку банкомат, и тоа без провизија. Ќе може и да се префрлаат средства од една сметка на друга во самата банка, да се плаќаат рати за кредит, но доколку се спроведува трансакција од Стопанска во друга банка тоа ќе мора и натаму да се прави преку интернет или на шалтер. На банкоматите ќе се добиваат и извештаи за состојбата на картичките. „Мотото под кое се промовира банкомат-банкарството е секогаш да сте први на ред. Тоа значи 24 часа да бидете први не само при вадење готовина, туку и при плаќање и пренос на пари од банкоматите на Стопанска банка“, истакна вчера Глигор Бишев, директор на Стопанска банка. Според него, досега 25 отсто од клиентите на банката, кои имаат трансакциска сметка, го користат интернет-банкарството.
„Практично, трансакциите ќе бидат многу едноставни за употреба“, уверуваат од банката. Постапката е едноставна.
„Самиот банкомат ќе ве води низ операциите што ќе треба да ги направите. Како и досега, се внесува пинот на картичката, а потоа се избира видот трансакција. За плаќањето сметки ќе треба да се внесе компанијата на која и' плаќате, бројот на фактурата, месецот за кој се плаќа, по што на екранот ќе се појави информација колку треба да платите. Доколку се точни податоците само ја потврдувате трансакцијата“, објаснуваат од Стопанска банка.
Колку ќе биде едноставно да се прифати овој начин на плаќање ќе покаже времето, но се очекува долгите редици пред шалтерите и нервозата да ги натераат македонските граѓаните брзо да ги прифатат овие новини.
Досега помислата дека треба да се оди в банка да се платат сметки или рата за кредит ги вадеше граѓаните од кожа, особено во деновите кога се подигнуваа пензиите. Тие денови во банка се чека и по еден час.
За разлика од кај нас, во европските држави одамна се применува банкомат- банкарството. Тоа ја елиминира можноста за појава на редици во банките, се' е автоматизирано, па така 24 часа може да се плаќаат сметки, да се подигнуваат и трансферираат пари на банкомат. На Европејците фактички воопшто не им се потребни банкарски службеници. И Бишев вчера истакна дека поради воведувањето „и-банкарство“ ќе се намали потребата од шалтерски работници. |