Не ја сакаме прегратката на ММФ
Експертите, стопанствениците, па и граѓаните се прашуваат зошто власта воопшто се мисли меѓу еврообврзницата и заемот од ММФ
Соња Маџовска Александрија Стевковска
Еврообврзница со непредвидлива камата или заем од Меѓународниот монетарен фонд со фиксна камата од 1,3 отсто. Треба ли воопшто да постои дилема? Зошто Владата воопшто се мисли, прашуваат и експертите, и стопанствениците, па и граѓаните, бидејќи сите сметаат оти треба да се искористи шансата за поволен заем понудена од монетарците. Граѓаните прашуваат дали ако некој министер треба да земе кред��т за стан, автомобил, реновирање или за која било друга потреба, воопшто ќе размислува дали тој да биде со камата од еден отсто или, на пример, од пет отсто.
Мисијата на ММФ доаѓа наредната недела во Скопје, кога ќе се дознае колку Владата е заинтересирана да зајми средства од Фондот. Оттаму велат дека на овие средби уште еднаш ќе биде искажана подготвеноста на Фондот да и' помогне на земјава. „ММФ во Вашингтон одржа прелиминарни разговори со македонските власти за претпазлива кредитна линија. Договорот за ПЦЛ би се базирал единствено на економската политика на Македонија. ПЦЛ обезбедува кредитна линија до 500 отсто од квотата за првата година, односно речиси 400 милиони евра во случајот за Македонија. Преку обезбедување на правото за влечење кредитна линија на Македонија, ПЦЛ ќе обезбеди осигурување од негативни надворешни настани што би можеле да се рашират во земјата, и да создадат потреба за финансиска поддршка“, соопштуваат од канцеларијата на ММФ во Скопје.
Стопанствениците без никаква резерва и' дадоа поддршка на Владата да зајми средства од Фондот, а веќе почнаа да сметаат дека поради тоа в година полесно ќе дише стопанството. „Сојузот на стопански комори отворено ја поддржа Владата за задолжувањето кај ММФ. Колку што слушнавме, и условите се поволни. Ние одамна порачуваме дека реалниот сектор страда од неликвидност и затоа треба да влезат странски пари во земјава. Така буџетот ќе се раздолжи кон стопанството, ќе може ДДВ да се враќа навреме. Ги поддржуваме и задолжувањата кај Светска банка и ЕБРД, односно сите зајмувања што ќе одат за изградба на инфраструктурата“, вели бизнисменот Мирче Чекреџи.
За експертите нема здрава логика во дилемата дали да се зајмат пари од ММФ или да се издаде еврообврзница. „Владата упорно бега од ММФ, односно од нејзината контрола врз трошењето јавни пари. Така беше и во најкризната година, така е и сега. ММФ бара квалитетно трошење на парите, кое би го подобрило стандардот на граѓаните, а ние со сегашната политика тоа не можеме да им го понудиме. Владата сака да троши без контрола и по свое сопствено сценарио, па веројатно тоа е најголемата причина да се заобиколува кредит од ММФ и да се оди на варијанта на поскапо задолжување преку издавање еврообврзница. Треба да се води сметка дека на стопанството му се потребни евтини пари, со оглед на тоа дека тоа се' уште не е застанато на здрави нозе“, вели Шенај Хаџимустафа од ЈИЕ.
За поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, задолжувањето со еврообврзница во услови кога ММФ нуди евтин кредит е нелогично и штетно. „Очигледно Владата ги мери договорите по штетност. Колку поштетен, а тоа во овој случај е издавањето еврообврзница, толку поприфатлив. Со најавата дека Владата може да издаде еврообврзница, место да зема пари од ММФ, таа уште еднаш покажува дека упорно бега од контролата што ММФ ја спроведува, иако можеби во не толку строга варијанта како кога се склучува аранжман. Како и да е, ММФ секако ќе бара исполнување на некои услови доколку ги даде парите, а Владата не е во состојба да им ги испорача“, вели Поповски.
Од Министерството за финансии се со став дека сите опции за зајмување се отворени. „Одлуката дали ќе се користат средствата од кредитната линија на ММФ се' уште не е донесена. Иако Македонија има пристап до пазарот на капитал преку издавање еврообврзница, не значи дека не може во исто време да ги земе средствата од ММФ. Издавањето еврообврзница не го исклучува користењето на кредитната линија од ММФ. Тие 400 милиони евра се еден вид осигурување, односно обезбедување дека во случај на непредвидливи ситуации на пазарот на капитал, Владата ќе може да ги искористи овие средства. Во однос на соработката со ММФ, таа е одлична и нема основа да се градат поинакви мислења во јавноста“, информираат од Финансии. (С.М. - А.С.) |