„Шише џам“ останува, и „Чимса“ во игра
Освен „Шише џам“, која ги продолжува преговорите со Македонија за инвестирање, најави за нови вложувања доаѓаат и од турската фабрика за цемент „Чимса“, која моментно ги анализира условите за инвестирање во земјава. Ова беше соопштено на вчерашната македонско-турска деловна средба што ја организираа Сојузот на стопански комори и Кабинетот на министерот без ресор Хади Незир. „Шише џам‘ не се откажа од инвестирање во Македонија. Продолжија преговорите што стагнираа поради кризата. На последната средба претставниците од компанијата ни рекоа дека ќе дојдат да инвестираат тука. ’Борал‘, пак, моментно се преиспитува поради кризата, но имаме други позначајни инвеститори, како што ’Чимса‘, голема фабрика за цемент што ги испитува условите за инвестирање над 200 милиони евра и други фирми со кои течат преговори. Европската болница веќе се гради, додека уште со две болници сме во преговори за соработка“, изјави Незир. Тој смета дека трговската размената засега е околу 300 милиони долари годишно меѓу двете земји, што е многу мал износ ако се земе предвид економскиот потенцијал на Турција, чиј бруто домашен производ е 800 милијарди евра. (Ек.Р.) |