Обама има предност од пет поени во однос на Мекејн

Предноста на Обама меѓу жените се зголеми од девет на 12 поени
ВАШИНГТОН - Демократот Барак Обама има предност од пет поени во однос на неговиот ривал од редовите на републиканците, Џон Мекејн, во трката за освојување на Белата куќа, и ја зголеми својата поддршка меѓу жените, покажуваат резултатите од анкетата на Ројтерс/Ц-СПАН/Зогби кои беа објавени вчера. Обама е во предност во однос на Мекејн со 48 наспроти 43 отсто, мало зголемување на предноста од четирите поени забележана во четвртокот. Анкетата има граница на дозволени грешки од 2,9 процентни поени.
Предноста на Обама меѓу жените, важна целна група што треба да се придобие на изборите на 4 ноември, се зголеми од девет на 12 поени. Обама, исто така, ја зголеми популарноста меѓу Хиспанците и младите, и води со 10 поени меѓу независните. Предноста на Обама се зголеми во услови на интензивирање на економските стравувања, бидејќи финансиските пазари неделава забележаа голем пад. Половина од анкетирањето, што беше спроведено од понеделникот до четвртокот, беше направено по втората претседателска дебата што се одржа во четврток. „Обама извлече најголема корист од ужасните економски вести и она што се смета за релативно слаб учинок во дебатата од страна на Мекејн“, открива анкетарот Џон Зогби.
Мекејн (72), поранешен борбен пилот од морнарицата и воен заробеник во Виетнам, заостанува зад Обама меѓу гласачите кои имаа некој свој близок во вооружените сили. Сенаторот од Аризона води изедначена трка со Обама меѓу гласачите постари од 65 години. „Мекејн нема добри резултати кај групите што тој треба да ги следи“, открива Зогби. „Не сме подготвени да го наречеме тоа остар пад, туку лизгање надолу“.
Сенаторот од Илиноис, ја зацврсти својата предност во најголемиот број анкети направени во последниве неколку недели на национално ниво, откако кризата на Волстрит го фокусираше вниманието врз економијата, каде анкетите покажуваат дека гласачите имаат поголема доверба во лидерството на Обама. Независните Ралф Надер ја има поддршката од два отсто од анкетираните, додека Боб Бар освои еден отсто од гласовите. Четири проценти од гласачите се изјаснија дека се' уште се неопределени. (Ројтерс)
|