Повлекувањето на Русија од Грузијa не е „завршено и совршено“
ПАРИЗ - Францускиот министер за надворешни работи изјави дека повлекувањето на руските сили од Грузија не е „завршено или совршено“. Бернар Кушнер изјави дека Русија го исполнила крајниот рок за напуштање на тампон-зоните што ги воведе околу отцепените региони на Грузија, Абхазија и Јужна Осетија. Меѓутоа, тој рече дека остануваат спорни делови од територијата. Сепак, дописникот на Би-Би-Си јави дека тој не ги критикувал Русите и бил генерално задоволен од напредокот, што е постигнат по окончувањето на конфликтот. Кушнер патуваше со конвој оклопни возила и полициски возила низ градовите во близина на Јужна Осетија. Во едно село каде што имаше речиси уништена куќа, тој укажа дека повеќето се' уште постојат и додаде: „Жално е, но тоа не е пекол“. На прашањето дали Русија го почитувала договорот за примирје, Кушнер одговори: „Мислам дека е така, но делумно. Тие требаше да заминат од тампон-зоната пред 10 октомври и тие го направија тоа“, рече тој. Меѓутоа, рече дека е свесен за три спорни делови од територија и дека за нив ќе се дискутира на меѓународна конференција во Женева идната недела. Грузија се жалеше дека руските сили се' уште ги окупираат местата Акалгори и Переви во Јужна Осетија, и клисурата Кодори во Абхазија - области кои беа под грузиска контрола пред да избувне конфликтот на 7 август.
Кушнер го бранеше мировниот договор за кој помогна да се постигне и донесе крај на кусата војна. Тој рече: „Не беше совршен, но тоа беше документ за кој се преговараше под притисок“ и додаде дека договорот ги спречил Русите да стигнат до Тбилиси. Тој, исто така, рече дека е задоволен што Европската унија се држи заедно, иако има големи разлики во мислењата како да се пристапи до Русија.
Бернар Кушнер, кој како претставник на ЕУ вчера беше во Грузија за да провери дали Русија го почитува договорот за повлекување на своите сили од поранешната советска република. Вчера истече крајниот рок поставен во договорот за прекин на огнот, за кој посредуваше Франција, за повлекување на руските сили од тампон-зоните околу отцепените региони Абхазија и Јужна Осетија, каде што беа распоредени за време на војната во август. Руски војници и оклопни транспортери оваа недела ги напуштија контролните пунктови во тампон зоната прогласена од страна на Русија. Но, Грузија соопшти дека тие, сепак, не го почитуваат прекинот на огнот, бидејќи илјадници војници и понатаму се наоѓаат во двата отцепени региона, кои во деведесеттите години на минатиот век ја отфрлија грузиската власт.
Кушнер, чија земја го има ротирачкото претседателствување со ЕУ, беше планирано да замине во обиколка на областа околу Јужна Осетија, со ЕУ набљудувачите на примирјето кои ги заменија руските сили. Тој подоцна ќе се сретне со грузискиот претседател Михаил Саакашвили. ЕУ ги замрзна разговорите за новиот договор за партнерство со Русија се' додека Москва не го испочитува договорот за прекин на огнот, но аналитичарите посочуваат дека одговорот на Унијата е благ, бидејќи Русија обезбедува една четвртина од потребите за гас на Европа и е голем трговски и инвестициски партнер. (Би-Би-Си/Ројтерс)
|