Сторијата за Лужичките Срби

Во Германија има 60.000 Лужички Срби, тие сега се лути од скржавоста на федералната влада
БАУЦЕН - Локацијата би можела да се прочита Будишин. Како и многу градови во регионот Лужица, кој ги опфаќа државите Саксонија и Бранденбург, германското име на Бауцен има словенски псевдоним. Истото ова важи и за многу луѓе. Германците во Лужица се задоволни со само едно име, но Лужичките Срби често пати имаат две: Марија Мачи, шеф на лужичкосрпска издавачка куќа, е позната кај читателите како Марка Мациова.
По должината на реката Шпреја се населени околу 60.000 Лужички Срби, остатоци од словенските миграции, кои ја зазеле територијата што била напуштена од Германците пред 1.400 години. Тие се, како што сакаат да кажат, мирољубиви граѓани - коникстреу (лојални на кралот и државата). Премиерот на Саксонија Станислав Тилих е Лужички Србин, католик.
Меѓутоа, сега Лужички Србите се лути. Од 2003 година сојузната влада ги намали, за 600.000 евра, нивните годишни финансирања од 8,2 милиони евра, наменети за институциите кои ја одржуваат културата на Лужичките Срби (Саксонија и Бранденбург придонесуваат речиси исто; и покрај тоа, ги финансираат лужичкосрпските училишта). Владата замрзна некои фондови. Околу 500 Лужички Срби првпат протестираа во Берлин во мај. „Должност на државата е да помогне да опстане културата на Лужичките Срби“, инсистира Мачи.
Вообичаено, германската држава се залага за интеграција, врз основа на тоа дека Турците и другите имигранти не можат целосно да се чувствуваат како дома во Германија. Но, Лужичките Срби се едно од четирите национални малцинства чии карактеристични идентитети треба да се одржуваат. Сојузната влада инсистира дека не бега од својата должност - само малку ја економизира. Сепак, по 1.000 години немилосрдна германизација, за многу Лужички Срби скржавоста личи на крајна навреда.
Нацистите верувале дека тие биле Аријци кои по грешка зборувале словенски јазик. За да го исправат тоа, ги отпуштиле службениците и наставниците на Лужичките Срби. Источна Германија беше само малку подобра. Таа отвори главни културни институти, но уништи голем број лужичкосрпски села за да стигне до депозитите со јаглен на Лужица. Привилегиите на Лужичките Срби беа признати во договорот за обединување на Германија од 1990 година; беше воспоставена фондација што ќе ги финансира институтите.
Потоа следуваше невработеност, опадната стапка на наталитет и емиграција на младите. „Сето тоа уште потешко ги погоди Лужичките Срби“, вели Јанина Кругер (Кригар), мајка на единственото семејство кое зборува лужичкосрпски во германизираното место Вуишке (Вујезк) во близина на Бауцен.
Околу половина Лужички Срби зборуваат еден од нивните два јазика. Меѓутоа, Долнолужичките Срби едвај преживуваат меѓу постариот народ во Бранденбург. Изгледите се подобри за 25.000 луѓе кои го зборуваат горнолужичкосрпскиот јазик околу Бауцен, главно католици кои биле спасени од асимилација поради пресврт во историјата. Нивните села припаѓале на Цистерцијанскиот манастир, кој ја задржал својата вера откако (протестантска) Саксонија ја добила територијата од Бохемија во 1635 година. „Повеќе од половина жители на Кроствиц (Кросцици) неделно посетуваат црква, што �� поголем процент отколку во родната држава на папата, Баварија“, вели Мирко Шмит (Смит), директор на основно училиште на Лужичките Срби. Крштавања со сјајни, позлатени фигури на Христос се обележје на оваа уредна енклава. „Идентитетот на католичките Лужички Срби ќе преживее во наредните сто години“, вели Дитрих Шолзе - Солта, директор на Лужичкосрпскиот институт.
Лужичките Срби сакаат да се задржи се'. За нивните два јазика се потребни две различни фреквенции на радиопрограма, два весника (неделник на долнолужичкосрпски јазик) и двојно издание на повеќето книги. Лужичките Срби се наследници на литературна култура и народен фолклор, па затоа имаат потреба и од театар. „Нашиот број се намалува, но квалитетот на нашата култура расте“, вели Бенедикт Дирлих, уредник на дневниот весник на горнолужичкосрпски јазик „Сербске новини“.
 Бауцен е центарот на Лужичките Срби
Цената на системот за одржување во живот на Лужичките Срби ја минимизира онаа на другите национални малцинства. Ромите не добиваат повеќе од 1,6 милиони евра од сојузната влада, а Данците и Фризите од Шлесвиг-Холштајн се снаоѓаат со по помалку од 300.000 евра. Сојузниот ревизор ја обвини фондацијата на Лужичките Срби дека залудно троши пари и не успева да ги процени трошоците. Како и да е, културата и образованието треба да се за државите, а не за сојузната влада. Сепак, Лужичките Срби велат дека со тоа се промашува целта. Данците имаат матична земја, а Ромите се раселени. Лужичките Срби се нација без држава.
Повеќето се среќни да останат германски државјани. Шолзе-Солта ги советува католичките Лужички Срби да останат „паралелно општество“, термин што предизвикува напади кај Германците кога станува збор за Турците. Многумина сонуваат дека Лужица може да биде татковина каде што децата течно ќе зборуваат и лужичкосрпски и германски јазик. Намалувањата на буџетот ги поттикнаа Лужичките Срби да ги бранат нивните привилегии, но, исто така, и нивниот идентитет. „Ќе постоиме се' додека сакаме“, вели сопругот на Кругер. Владата можеби ја изостри таа желба. (Економист) |