Фељтон
Полска - почетокот на крајот на комунизмот (7)
Успехот на Тркалезната маса
Пролетта 1989 се одржаа полуслободни избори на кои Солидарност однесе апсолутна победа. Режимот беше здробен
Здравко Стаматоски
Крајот на оваа крвава епопеја веќе е на повидок. Во текот на септември 1988 година доаѓа до неколку средби меѓу Лех Валенса и министерот за внатрешни работи Чеслав Кишчак, а на 16. истиот месец во подваршавското место Магдаленка првпат доаѓа до директна поголема средба меѓу разни претставници на власта и на опозицијата.
На 27 септември власта за премиер го избира Мјечислав Раковски и од самиот почеток на своето владеење тој се труди економските проблеми во земјата да водат приоритетна улога, а не политичките. Уште пред божикните празници донесува закон за слободна стопанска иницијатива, а кон крајот на јануари 1989 година го донесува законот за комерцијализација на државните претпријатија, исклучително важен за Полјаците (познати по своите трговски афинитети), всушност, враќање кон она што ја красело Полска во минатото, проширената приватна дејност во економијата. Заживува и станува легален девизниот промет, граѓаните дури и во услови на еднопартиски систем стекнуваат право на формирање сопствени мали и средни фирми.
Но, главниот проблем во преговорите во врска со легализацијата на Солидарност и понатаму е актуелен, властите тврдат дека нема ништо од тоа се' додека во нејзините редови се наоѓаат нејзините главни креатори Адам Михњик и Јацек Куроњ. На 30 ноември 1988 година полската телевизија емитува историска слика - првпат по седум години изолација и бојкот, во телевизиска дебата со претставник на власта (Алфред Мјодович) се појавува Лех Валенса, а епилогот од дебатата е поразителен по власта. Валенса го фрла на колена својот соговорник и целосно е отворен патот до легализација на легендарниот синдикат, движењето кое го исфрли од рамнотежа еден од најтоталитарните режими во XX век по фашизмот.
Солидарност од оваа неочекувано голема победа излегува уште посмела во своите настојувања во соборувањето на власта и во декември 1988 година раководството на синдикатот одлучува да се нарекува поинаку, Граѓански комитет при Солидарност. Во неговиот состав влегува целокупната тогашна интелектуална елита на полското општество. Имињата на Бронислав Геремек, Тадеуш Мазовјецки, Анджеј Вајда, Анджеј Стелмаховски, Зофија Куратовска, Марек Еделман и други истакнат личности, за познавачите на полските состојби, доволно говорат сами за себе.
На X пленум на ЦК на ПОРП, коj завршува на 18 јануари 1989 година, првпат преовладуваат реформаторските струи во партијата и со мнозинство гласови се усвојува одлука за формирање т.н. Тркалезна маса, термин со кој започнуваат и завршуваат сите училишни учебници по полска историја. Првата сесија се одржува на 6 февруари 1989 година, а отворајќи ја дискусијата меѓу спротивставените страни, Лех Валенса малку и метафорично ќе рече: „Доаѓаме од далеку, и едните и другите. Патот пред нас е тежок и трнлив, а ефектите од нашата работа нејасни. На оваа маса едноставно мораме да се разбереме, толку колку што е тоа возможно, за најважните работи поврзани со нашата заедничка татковина“.
Како претставник на власта, генералот Кишчак првпат ќе апострофира дека „целта на оваа средба е по неа да се дојде до неконфронтирачки избори“. Оваа реторика меѓу двајцата главни протагонисти на полските промени го отвори патот кон едно ново време, една нова епоха, која на Полјаците требаше да им го донесе она за што опозицијата со децении интензивно се бореше, особено во 80-тите години од XX век, а тоа е тежнеењето по помирен и побогат живот, повикувајќи се на историските традиции и правото, пред се', на подостоинствен живот.
Во февруари и март 1989 година во континуитет доаѓа до средби меѓу власта и опозицијата, легализацијата на Солидарност е веќе завршена работа, а комисиите назначени од двете страни имаат цел да ги испитаат состојбите во сите општествени сегменти на живеење (земјоделството, енергетиката, здравството, образованието, рударството итн.) и да претстават програми според кои ќе се одвиваат реформите. Според завршните одредби од Тркалезната маса од 5 април, донесена е одлука за спроведување први повоени демократски и делумно слободни избори, врз чија основа во следните избори за Сенатот (полскиот парламент е дводомен, покрај Сејмот, од 1989 година е обновена дејноста и на стариот Сенат) се предвидуваат да бидат целосно слободни избори. За Сејмот како главен законодавен дом, 65 % од пратеничките места би биле резервирани за потписниците на владејачката коалиција, составена од претставници на ПОРП и нејзините помали сателити, додека за преостанатите 35% би се бореле независните кандидати.
Според оваа формула и според тоа како течат подготовките за конституирање на првиот Сејм, тој соодветно на ова е наречен како „договорен Сејм”. Датумот на одржување на првите демократски избори е назначен за 4 јуни 1989 година, а на 7 април е сменет и полскиот Устав, според кој повторно е востановена институцијата претседател на државата. Најпосле, на 17 април 1989 година доаѓа до уште еден историски чин, сосема е легализирана дејноста на синдикатот Солидарност, работничкото движење кое целосно го измени ликот на Источна Европа и го сруши во неврат комунистичкиот режим во Полска.
Како поминаа првите слободни избори во Полска? Опозицијата истакна 161 кандидат за Сејмот од 460 члена и 100 за Сенатот за исто толку сенаторски места. Речиси сите опозициските кандидати беа сликани со својот лидер Валенса, со него се идентификуваа речиси сите приврзаници на опозицијата. Се сметаше дека овој „договорен Сејм“ и онака нема долго да ја врши својата функција, но претставуваше силен сигнал за полската јавност и за светот дека промените што се случија во Средна Европа наскоро ќе повлечат слични реакции и во другите социјалистички земји од Истокот и Балканот, што набргу потоа и се случи, а резултира со масовно паѓање на комунизмот.
Во Полска резултатите за власта беа поразителни, таа од расположливите 35 отсто места за Сејмот предвидени за независните кандидати, доби само едно место (другите 160 ги доби опозицијата), а од 100-те за Сенатот епилогот беше идентично катастрофален по нив (99 од опозицијата наспроти 1 од власта). Сензационалните изборни резултати веднаш ги преплавија насловните страници на светските јавни гласила и беа вест број 1 во ударните телевизиски програми, благодарејќи на големата победа на Солидарност комунизмот во Европа, дефинитивно, ги одбројуваше своите последни часови.
Во меѓувреме, опозицијата во Полска формира свој дневен весник со име „Газета виборча“ (во превод „Изборен весник“), кој во првичниот тираж од 150.000 примерока од 8 мај 1989 година во своето основачко мото го вметна својот познат лајт-мотив од борбата од 80-тите: „Нема слобода без Солидарност“.
Власта и опозицијата, сепак, не успеаја да се договорат околу начинот за избор на претседател на државата. Опозицијата ги обвини за ова комунистите дека и покрај евидентниот неуспех на парламентарните избори, не сакаат да се откажат од власта и з�� свој кандидат на претседател го форсираат човекот кој кај широките народни маси стекна најнепопуларен имиџ како олицетворение на насилство и репресии на власта кон народот, а тоа беше генералот Војќех Јарузелски.
Под разни притисоци од страна на Солидарност и однадвор, со цел повторно да се смират страстите, опозицијата сега веќе сосема осилена со изборната парламентарна победа, сепак, се согласи на ваков епилог и на 3 јули 1989 година „Газета виборча“ на првата страница објави голем текст потпишан од нејзиниот основач Адам Михњик, под наслов: „Ваш претседател, наш премиер“, што сугерираше поделба на власта во новоформираните услови, а по овие настани на 10 јули Полска ја посетува тогашниот американски претседател Џорџ Буш како навестување на уште едно бурно лето, овој пат решавачкото.
|