Учебната година почна со куп проблеми
Втор изборен предмет, место веронаука, ќе биде класична култура во европската цивилизација
Жаклина Хаџи-Зафирова
Неизвесност во училиштата пред денешниот старт на учебната година. Вториот изборен предмет кој од годинава ќе се воведе, наместо веронаука, ќе биде класична култура во европската цивилизација, кој ќе ја замени веронауката откако падна на Уставен суд.
Но, оваа одлука се' уште официјално не стигнала до училиштата, поради што петтоодделенците од денеска ќе учат по провизорни распореди. Министерството најави дека веронауката ќе биде заменета со етика на религиите, но таа ќе почне да се предава дури од идната година.
Во меѓувреме, бидејќи училиштата не го знаат вториот изборен предмет, се доведуваат во прашање и предавањата по предметот запознавање на религиите, па поради тоа наставниците по овој предмет на 1 септември ќе си останат дома. Но, проблеми во училиштата има и со воведувањето на бесплатните учебници за четврто и за седмо одделение, за кои и министерот за образование потврди дека ќе доцнат, но колку - не се знае. За учениците е непознато и кој ќе им предава оваа учебна година поради поплаките на наставниците дека усно им било соопштено дека поради нивната „неподобност“ ќе треба да бидат заменети со нови.
„Не знаеме ни дали ќе има изборни предмети. Стартуваме неподготвено. Дознавме само дека се изготвени наставните планови и програми, но не знаеме што предвидуваат. Уште не сме ги добиле“, вели директорка на скопско основно училиште од општина Карпош. Таа не знае што да им објасни на наставниците кои лани предавале запознавање на религиите, бидејќи се' уште од Министерството не им соопштиле кој предмет ќе биде замена за веронауката. Според директорката, и да дознаат кој предмет ќе стартува од септември, тоа нема да значи дека веднаш ќе почнат со предавања, бидејќи за интересот за предметите ќе треба да се спроведе анкета, што значи со новиот предмет ќе се доцни, како што се случи лани со воведувањето веронаука и запознавање со религии.
Министерот за образование и наука, Никола Тодоров, најави дека одлучиле годинава да не стартуваат со воведувањето етика на религиите, најмногу поради фактот што за нив спорно било кој ќе го предава овој предмет - филозофи или теолози. Затоа, според него, Министерството би сакало да направи детална анализа пред да го воведе како втор изборен предмет за да не ризикуваат повторно да им падне на Уставен суд, како што се случи тоа во веронауката, која Министерството упорно ја туркаше.
Директорката на Бирото за развој на образованието, Весна Хорватовиќ, вчера во изјава за „Утрински“ најави дека петтоодделенците ќе можат да избираат меѓу два изборни предмета - запознавање на религиите и класична култура на европската цивилизација. За овие предмети, според неа, ќе нема учебници, туку прирачници за наставниците. Таа се надева дека предметот ќе се воведе многу брзо, откако претходно ќе се направат анкети за интересот на учениците. Предметите, како што појасни, ќе се изучуваат преку проекти, а вториот изборен предмет ќе го предаваат филолози и филозофи. „Новиот предмет треба да ги запознае учениците со основата на културата на европската цивилизација од културолошки аспект, не историски. Учениците ќе можат да се запознаат со постоењето на старите антички јазици, како што се латински и старогрчки, како и со аспектите на раѓањето на уметностите и науките“, појасни Хорватовиќ.
Министерството годинава прв пат го реализира проектот „Бесплатни учебници“, вреден милијарда денари, со што ќе се дистрибуираат четири милиони книги. Но, и тука се соочи со проблем. Проектот вреден милијарда денари ќе доцни посебно за учениците од четврто и седмо одделение, кои учебниците ќе ги добијат последни. Поточно, издавачите најавуваат дека овие учебници ќе доцнат најмалку уште две недели. Тоа го потврди и министерот.
„Правиме максимални напори да ги обезбедиме учебниците за четврто одделение до 1 септември, а за оние од седмо ќе се пролонгираат најверојатно две недели“, најави министерот во интервју за една од скопските телевизии, правдајќи го задоцнувањето со натегањата кои претходно ги имаше со авторите на учебниците околу нивните хонорари за авторските права. Меѓутоа, издавачите не се согласуваат со ваквите најави на министерот бидејќи, како што тврдат тие, ракописите ги добиле пред неколку дена, со што е невозможно навреме да ги обработат, преведат и подготват за печатење. Па, затоа прогнозираат дека оптимистичка варијанта е тие да бидат во училиштата во текот на овој месец.
Сепак, најинтересната работа што ја изјави министерот беше најавата дека и покрај доцнењето, учебниците ќе можат да бидат достапни во електронска форма, а учениците ќе можат да ги читаат на компјутерите кои им беа донирани во училиштата како дел од проектот „Компјутер за секое дете“. Но, овие најави директорите ги оценија како несериозни најмногу поради тоа што не знаат како да ја реализираат оваа идеја на министерот кога голем дел од компјутерите се оштетени, украдени и не се поправени. Причина за тоа беше забраната од Државниот просветен инспекторат да не се собираат пари од учениците за компјутерските штети. Така, директорите се пожалија дека немаат пари како да ги поправат компјутерите и да ги стават во функција.
Училиштата ги очекува неизвесност и со наставничките смени, за кои веќе добиле предупредување од директорите. Наставници со повеќегодишен стаж се жалат дека усно им било кажано дека нема да им бидат продолжени договорите на определено време, а како образложение им се објаснува дека или се неподобни за тоа работно место или, пак, дека е намален бројот на паралелки, а со тоа и фондот на часови. Во СОНК демантираат дека станува збор за масовна појава, напротив, тврдат дека има само поединечни случаи. Додека, пак, од Мултиетничкиот синдикат за образование го тврдат спротивното. |