Класичните светилки одат во историјата
Европа до 2012 треба да замени 5 милијарди сегашни сијалици со халогени
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
Брисел - Стандардните сијалици, со кои растеа десетици генерации, од вчера стануваат историја. Според новата регулатива на Европската унија, денес стартува забраната за нивно производство и увоз така што до 2012 година тие треба да исчезнат од пазарот на Унијата.
Иако Македонија не е членка на ЕУ, сепак, и таа ќе биде погодена од оваа мерка, бидејќи стандардните сијалици нема веќе да постојат, па ќе мора и нашите граѓани да ја применуваат европската регулатива. Оваа на прв поглед небитна одлука предизвика лавина реакции во земјите-членки, поради тврдењата на некои експерти дека новите халогенски штедливи сијалици, што отсега ќе се применуваат, се далеку поскапи од стандардните и можат лошо да влијаат на здравјето на потрошувачите.
Според процените на Брисел, наредните три години треба да се заменат околу пет милијарди сијалици, и тој процес ќе спречи 15 милиони тони штетни емисии на јаглероден диоксид. Она што треба да ги мотивира граѓаните, бидејќи секоја нова сијалица ќе чини четири ипол евра наспроти 60 центи за стандардните, е дека за осум месеци ќе ја надоместат разликата со заштедите во енергија и заштедите во нивно купување, бидејќи за време на животниот век на една халогенска сијалица би требало да се сменат од шест до десет стандардни. ЕУ вчера ги уверуваше граѓаните дека секоја ваква сијалица ќе штеди до 80 отсто енергија, а тоа значи дека за една година нивните сметки за струја ќе бидат помали од 25 до 50 евра.
„Осветлувањето претставува една петина од потрошувачката на струја на семејствата. Со новите сијалици Европејците ќе заштедат струја еднаква на потрошувачката во Романија или на годишното производство на десет електрични централи од 500 мегавати“, изјавија вчера од Европската комисија. Според нивните процени, тоа ќе и' заштеди од пет до десет милијарди евра на европската економија, што ЕУ ја прави авангардна во заштедите на ресурсите и во заштитата на животната околина. Ваквото самозадоволство, сепак, го намали фактот дека засега Куба е прва и единствена земја во светот, која целосно го завршила процесот на замена на сијалиците, а во ист рок сијалиците треба да се заменат во САД и во Канада, додека во Австралија замената е во тек.
Замената, сепак, постави многу контроверзи, а поради амбицијата на ЕУ силата на сијалиците да не ја мери со вати туку со новоизмислена мерка лумен, во некои медиуми беше дочекана како доказ дека Брисел продолжува со славната регулатива за правите краставици и аспарагуси со еднаква големина. Брисел денеска, исто така, се бранеше од обвинувањата дека новите сијалици имаат премногу жива, поточно пет милиграми, и како такви можат да предизвикаат канцер, тврдејќи дека тоа е значително помалку од присуството на овој материјал во забните пломби (300 милиграми) и во разните батерии. Електромагнетските бранови што ќе ги емитуваат сијалиците, според Брисел, се во рамките на дозволените лимити, а со нормална употреба на сијалиците, што значи не премногу изложување на вакво светло, наводно нема опасност од мигрени и влошување на здравјето на епилептичарите. Болните од кожни заболувања што доведуваат до пречувствителност на светлина веќе побараа специјален третман и исклучоци, и според изјавите на едно засегнато лице, малата употреба на халогенските сијалици досега и' го загорчила животот во голема мерка толку што станала зависна од седењето дома, бидејќи од ваквите сијалици во институциите добива црвенило на кожата и повраќала.
Најсериозна забелешка, сепак, е дека новите суперсијалици, всушност, даваат многу послаба светлина од стандардните, па ако треба да се употребат повеќе за ист ефект, нема ништо од заштедите и корист ќе има само индустријата. Кај Европејците, по се' изгледа, е вклучен аларм, па потрошувачката на старите стандардни сијалици изминатите денови се зголемила за 60 отсто, што покажува колку тие им веруваат на аргументите на Брисел. |