Грција штеди - ништо веќе не е како порано
Продавниците се затвораат, трговците се обидуваат да спасат барем нешто со попустите
Миркица Поповиќ
Освен штрајковите, ништо веќе не е извесно во Грција. Не е чудно доколку на местото каде што пред неколку дена била нечија омилена продавница или кафуле, сега да зјае само правлив, празен простор. Трговците се надеваат дека малку ќе се извлечат од финансиските проблеми и од неизвесната иднина со летните попусти кои почнаа минатата недела, а угостителите, пак, кои забележуваат дека стандардно се намалува бројот на гости, се' повеќе се одлучуваат да затворат во летните месеци за да ги намалат трошоците за струја и за вода.
Загрижени се и граѓаните кои издаваат станови и делумно го спасуваат домашниот буџет на тој начин. Цените за најмување станови се намалуваат, па двособните станови што држеа цени до 400 евра сега паѓаат на 350-370 евра. Меѓутоа, ова е едно од ретките намалувања.
Речиси нема производ или услуга што не е поскапена, па народот е поселективен и повнимателен од порано. Животот е малку постегнат, луѓето се' повеќе бараат пониски цени, што значително ги отежнува работите за одржување на пазарот на голем број трговци и угостители.
Голем дел од странските синџири најавија повлекување и затворање на продавниците, а со тоа и на работните места. Германскиот синџир поекономични супермаркети „Алди“, сличен на „Лидл“, само по две години функционирање на грчкиот пазар, минатата недела најави затворање на 38 продавници во Грција. Претставниците на компанијата истакнаа дека бараат потенцијални купувачи за продавниците да продолжат да работат. Сепак, се' додека не се одреди конечната судбина на овој синџир маркети, неизвесна е судбината на повеќе од 700 вработени во продавниците и во администрацијата. Повлекувањето на „Алди“ дојде само неколку недели по најавата за затворање на францускиот синџир маркети „Фнак“, специјализиран за дигитална електроника, книги и музика. „Фнак“ беа присутни во Грција речиси пет години, лоцирани во Атина, со планови да се шират прво во Солун, а потоа и во другите поголеми градови во државата. Сепак, ударот од економската криза се покажа пресилен за „Фнак“ и планира да замине од Грција, па сега е во потрага по потенцијални купувачи, кои би продолжиле со нивната работа. Трет пример е судбината на синџирот економични супермаркети ДИА, кој веќе помина во рацете на францускиот гигант „Карфур“, кој одамна го има под своја капа и синџирот маркети „Маринопулос“.
Иако примерите за овие супермаркети повеќе паѓаат в очи, сепак, не е помал и бројот на затворени бутици или ��омали продавници на шопинг-улиците во Солун и во Атина. Голем број излози на главната трговска улица во Солун, „Цимиски“, се покриени со информативни постери, криејќи под тоа остатоци од некој познат бутик.
Она што ги дотепа овие маркети, покрај намалената потрошувачка и повисоките цени за најмување простории, беше и последното покачување на ДДВ во Грција, како дел од економските мерки на владата на Јоргос Папандреу. Токму поради оваа мерка, која доведе и до поскапување на некои од основните прехранбени производи во маркетите, ги натера купувачите да бидат повнимателни при секојдневното пазарење. Според информациите во медиумите, драстично е зголемен бројот на граѓани кои место од еден, пазарат од три-четири различни супермаркети поради потрагата по пониски цени. Од самата најава за покачување на ДДВ, некои големи маркети, со цел да ги задржат лојалните купувачи, а и да придобијат нови, пуштија реклами во кои ги уверуваат потрошувачите дека само маркетот ќе ги сноси трошоците од новото ДДВ, а тоа финансиски нема да ги оптовари граѓаните.
Покачувањето на данокот, сепак, најсилно удри по цените на горивото. Бензинските пумпи имаа домино-ефект од удари. Константно покачување на цените и пропорционален пад на бројот на потрошувачи, што, според информациите на грчката телевизија Скај, доведе до затворање на повеќе од 70 бензински пумпи во Солун, а се очекува до крајот на годината бројот значително да се зголеми. Луѓето велат дека она што не успеаја да го направат сите еколошки акции за намалување на сообраќајот, го направи скапото гориво. Граѓаните се' повеќе користат велосипеди и јавен превоз, а голем дел од нив се одлучуваат на поризичен потег - да не платат билет за автобус или метро. Често може д�� се види како оние што излегуваат од метро или од автобус им ги даваат билетите на тие што се подготвуваат да влезат или, пак, ги оставаат на автоматите за нивно поништување. Дури на „Фејсбук“ постои група што ги поддржува и ги поттикнува ваквите активности. „Ова мало општествено движење од една страна им помага на оние што се соочуваат со поголеми финансиски проблеми, но од друга страна е револт насочен кон претпријатијата за јавен транспорт поради скапите билети во Атина, кои чинат едно евро! Меѓутоа, на овој начин се бунтуваме и за законот кој го забранува делото менување билети меѓу патниците. Никој не може да ни каже што ќе правиме со нашите пари!“, вели револтирано 27-годишниот Димитрис од Атина.
Високите цени на горивото, заедно со другите ефекти од економската криза, годинава ќе ги ограничат и годишните одмори на голем број граѓани. Покрај горивото, покачени се и цените на билетите за возовите и за меѓуградските автобуси, а да не зборуваме за фериботите за островите, чија цена не е пониска од 50 евра во еден правец. Поради тоа, не е случајно што граѓаните избираат да одат на викенд место долг летен одмор, а младите со пониски плати се решаваат за летување во камп отколку во хотел. Сепак, огромен е бројот на оние што за сместување нема да платат големи суми, бидејќи имаат семејна куќа на некој остров или, пак, на Халкидики, доколку се од Северна Грција.
Ноќниот живот и натаму е со високи цени. Атињаните, кои често излегуваат, велат дека постојано опаѓа бројот на млади во баровите и во кафулињата, особено во одредени денови. Ако досега се излегувало интензивно од четврток до недела, сега тоа се прави само во петок и сабота. „Се' почесто има празни кафулиња во деновите преку неделата, освен за викендот, иако сите излегуваме речиси секој ден. Меѓутоа, цигарите многу поскапеа, речиси 4 евра за кутија, цените на тарифата за такси и на пијачките остануваат исти, па мора поекономично да ги распоредиме парите. Излегуваме со автобус или со метро, но ако се враќаме дома по полноќ такси-превозот не' чини пет или повеќе евра“, раскажува 26-годишниот Илијас од Атина, кој во моментов живее со плата од 350 евра месечно и со мала помош од родителите. Младите, како и секогаш, наоѓаат алтернативни начини на забава, па често на атинските улици може да се види улична претстава, концерт на некои бендови, џем-сесија во која може слободно да уживате со пијалак кој ќе си го донесете сами, за цена пониска од 5 евра за пиво и 7 евра за друг алкохолен пијалак. А, ако најдете кафуле каде што чаша вино чини 3 евра место 5 евра, сте освоиле џек-пот. |