Ни ветените државни пари не ги задржаа Корејците
Владата почнала постапка за раскинување на договорите со „Тривју“, а допрва ќе склучува нов со „Хаиер“
Соња Маџовска
Државата сигурно имала намера да и' даде пари во форма на државна помош на јужнокорејската „Тривју хит“ само за таа да гради фабрика во „Бунарџик“, исто како што се случи и со некои други компании-станари во слободната зона.
Тоа стана јасно откако корејската фирма официјално се повлече од инвестицијата, а од Владата веќе и јавно обелоденија дека сега ќе мора да го раскинат договорот за државна помош со „Тривју хит“.
Што се' им ветила Владата на Јужнокорејците за да инвестираат во фабрика во „Бунарџик“ допрва се очекува да излезе на виделина.
Инаку, договорот, кој речиси две години се држеше во најголема тајност меѓу Владата и „Тривју хит“, падна во вода. Последната информација што ја лиферуваше „Хаиер груп“ пред два дена, според која од најавената инвестиција за градење фабрика во „Бунарџик“ за производство на ЛЦД- монитори се повлекува „Тривју хит“, а кинеската компанија „Хаиер“ сама ќе гради, значи дека целата постапка се враќа на почеток.
Сега Владата ќе мора прво да го раскине склучениот договор само со „Тривју хит“, а дури потоа да склучи нов договор само со „Хаиер“. Никој не знае кога ќе се гради фабрика.
Дека Корејците се повлекуваат во Владата знаеле уште минатата недела, па дури и донеле заклучок за еднострано раскинување на договорот со „Тривју хит“, како и за склучување нов со „Хаиер“.
Инаку, за потсетување, „Хаиер“ е компанијата преку која Владата ги купи компјутерите за секое дете, кои сега не се користат, а за нив плати околу 40 милиони евра.
„На последната владина седница минатата недела беше разгледана и прифатена информацијата за потребата од раскинување на договорите со ’Тривју хит‘. Откако официјално ќе го добиеме тој заклучок, Агенцијата за привлекување странски инвестиции и Дирекцијата за слободни економски зони ќе постапат по него. Дирекцијата треба еднострано да го раскине договорот со ’Тривју хит‘ за закуп на земјиште во слободната зона ’Бунарџик‘, а Агенцијата треба еднострано да го раскине договорот за државна помош. Со фирмата ’Хаиер‘ треба да почнеме сосема нова постапка. Со нив се' уште траат разговорите. И Агенцијата и Дирекцијата ќе треба да потпишат нови договори со ’Хаиер‘“, објаснија вчера од Агенцијата за странски инвестиции.
Оттаму велат дека можеби сега ќе размислат и за обелоденување на договорот со „Тривју хит“, кој толку доверливо се чуваше две години во тајност. И опозицијата досега во неколку наврати ја прашуваше Владата што е толку таинствено и доверливо во еден договор за фабрика за телевизори и компјутери, што никој во државата не смее да го знае? Владата го правдаше тоа со објаснување дека во него имало комерцијални информации што на двете компании можело да им наштетат на светскиот пазар.
Инаку, целата приказна почна уште есента 2008 година. Владата тогаш потпиша меморандум само со „Тривју хит“, за изградба на фабрика за производство на ЛЦД-монитори, телевизори и компјутери во „Бунарџик“, а инвестицијата требаше да тежи девет милиони евра. Една година подоцна, односно лани во март, на „Тривју хит“ и' се приклучи и кинеската компанија „Хаиер груп“. Двете компании со основачки влог од 5.000 евра, формираа заедничка фирма во Македонија во јуни 2009 година, а основна цел требаше да биде производство на ЛЦД-монитори и електронска опрема, а ќе се произведуваа и десктоп и лаптоп-компјутери. Во фабриката требаше да се отворат околу 100 нови работни места. Но, сепак, се' заврши на септемвриската промоција на инвестицијата лани, а оттогаш наваму, дури сега, конкретно пред два дена се обелодени дека Јужнокорејците се повлекуваат, а остануваат само Кинезите. Оваа информација ја пласираа Кинезите, но и Владата знаела за тоа. „Би сакале, сепак, да ви соопштиме дека ’Хаиер‘ има цврста намера самостојно да го реализира инвестицискиот проект, кој беше во фаза на планирање речиси две години, и во моментот е во финалната фаза - почнување на проектните активности“, се наведува во писменото соопштение од кинеската компанија „Хаиер груп“. |