Ќе биде тешко да се најдат концесионери за автопатите
Триесет компании се информирале, но не се знае колку од нив ќе бидат заинтересирани за изградба
Сања Наумовска
Триесет домашни и странски компании подигнале информативен пакет со детали за понудата на Владата за давање седум делници на автопати под концесија, но прашање е дали некоја од нив сериозно ќе се заинтересира да гради автопат под концесија поради прилично скромниот промет на возила низ Македонија. Ниту во Министерството за транспорт и врски ниту во Фондот за магистрални и регионални патишта не кажуваат колку од заинтересираните компании вратиле прелиминарно писмо за намери. Рокот за доставување истекува денеска, кога и завршува првата фаза од проектот.
Според конкурсот објавен во домашни и во странски весници, под концесија се даваат седум делници на кои е предвидена изградба на автопат во повеќе делови од државата со вкупна должина од 560 километри, за чија изградба вкупната инвестиција достигнува 2,4 милијарди евра. Тоа се делниците од Романовце до Деве Баир со должина од 70 километри, од обиколницата на Скопје до граничниот премин со Косово - Блаце во должина од 13 километри, од Гостивар до охридскиот аеродром - 93 километри, од границата со Албанија до Битола - 85 километри, од Меџитлија до Велес - 130 километри и од Велес до границата со Бугарија - 120 километри и последната делница од Штип до Миладиновци со должина од 49 километри.
Во меѓувреме, во Фондот за патишта велат дека се' додека не ги добијат официјалните информации за заинтересираноста на компаниите, нема да ги објавуваат анализите за економската исплатливост со кои би се привлекле потенцијалните инвеститори. Засега, податоците направени пред објавата на јавниот повик се чуваат во тајност, а по оцената на заинтересираноста на компаниите ќе следуваат нови анализи и утврдување на условите за концесијата.
Според надлежните во Фондот, дополнително ќе се утврдува рокот на кој делниците ќе се даваат под концесија и веројатно за сите или за дел ќе биде различен. Можно е тие да се групираат и во пакет, со оглед на тоа дека во понудата има и делница од заобиколницата на Скопје до граничниот премин со Косово - Блаце во должина од само 13 километри, во која, веројатно, инвеститорите нема да најдат голема економска исплатливост. По завршувањето на првата фаза, ќе биде направена претквалификација на пријавените компании. Успешните понудувачи ќе учествуваат на ограничен јавен повик.
Потенцијалните концесионери, по изградбата на автопатите, ќе можат да стопанисуваат со нив и да наплатуваат патарини. Прашање е за колку време би можело со патарини концесионерот да ја исплати инвестицијата, зашто на македонските патишта, освен на две-три делници, нема толку голем сообраќај. Македонија е осиромашена, особено транспортот на стоки е на ниски гранки, па ќе требаат десетици и десетици години една таква инвестиција да му донесе корист на потенцијалниот концесионер. И покрај упорното настојување, од надлежните државни институции не успеавме да добиеме информации за бројот на возилата што поминуваат на овие предложени делници, од што најмногу зависи интересот на инвеститорите.
Според некои домашни компании, кои подолго време работат на слични проекти во странство, важно е државата да биде голем партнер во овој проект и да инвестира во друга инфраструктура, како што се мотели, паркинзи, бензински пумпи, пристапи до историски локалитети и друго. Тоа е тренд во Европа, кој не треба да ја одмине ниту Македонија. Според нив, атрактивни се делниците кон источна Македонија, која ќе добие поголема вредност на земјиштето и ќе биде поатрактивна за отворање фабрики. Отворањето на економските зони во Штип и плановите за изградба на каргоаеродром мора да бидат условени со изградба на квалитетни патишта. Пристаништето во Драч е причина за да се изградат и патиштата од Гостивар кон Охрид и кон границата со Албанија, коментираат градежниците. За нив, особено атрактивна е и делницата кон Гевгелија, која не е во понудата на Владата. Отворањето на Балканот кон Европа по решавањето на кризите во Косово, Србија и отворањето на Албанија, коментираат стручњаците, максимално ќе ги стави во функција коридорите кои минуваат низ овие земји. Македонија, во овој случај, мора да да биде подготвена со квалитетни сообраќајници.
Добар пример за инвестирање во патната инфраструктура на Балканот е Хрватска, која до 2000 година имаше 400 километри автопат.
Од 2001 до 2005 година за изградба на 480 километри автопати низ Хрватска се инвестирани 2,5 милијарди евра. Резултатот денес е очигледен, вредноста на земјиштето е неколкупати зголемена, привлечно за инвеститори, а намален е и бројот на сообраќајните незгоди. Под концесија Хрватска ги отстапи делниците од Загреб до Риека и од Загреб до Мацељ. Моментно во оваа земја има 1.412 километри автопат, а во тек е изградба на 117 километри автопат, меѓу кои и делницата од Загреб до Сисак. Според програмата на хрватската влада, од 2009 до 2012 година треба да се реализира и автопатот Загреб - Сплит - Дубровник, која веројатно ќе вклучува и изградба на мост кон полуостровот Пелешац. Со довршувањето на правците од Жупања кон Липовац, од Бели Манастир преку Осиек кон границата со Босна и Херцеговина и поврзувањето на Истра, Хрватска ќе добие уште близу 500 километри автопат, практично во секој дел од државата.
И Владата на Србија склучи договор со странски концесионери кои ја градат и делницата од Хоргош во Војводина до Пожега. Австрискиот "Пор", заедно со шпанската ФЦЦ, ја дели концесијата за автопатот што треба да биде завршен во 2012 година. Под концесија од 30 години, владата на Босна и Херцеговина ќе ја издаде на потенцијалниот инвеститор делницата на автопатот од Бања Лука кон Сплит. |