Охридско Езеро порибено со 380.000 пастрмки
ОХРИД - Охридското Езеро, вчера, по четврти пат во 2008 беше порибено со 380.000 млади пастрмки. Годинава во водите на езерото се пуштени вкупно 1,8 милиони пастрмки, а се очекува да биде порибено со над два милиона пастрмки, што е блиску до потребниот оптимум.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ацо Спасеноски, истакна дека со вакво темпо, за три до пет години може да се очекува подобрување на фондот на охридската пастрмка. Тоа ќе овозможи нејзин природен прираст, но и враќање во понудата на угостителските објекти. Според Спасеноски, во заштитата треба активно да се вклучат и локалната самоуправа, Здружението на граѓани, рибарите и локалното население. „Во иднина ќе се засили инспекциската контрола на рестораните за да се утврди потеклото на рибата која се нуди како охридска пастрмка“, најави Спасеноски. Со шест лица и два глисери ќе биде засилена и рибочуварската служба, а наскоро ќе биде инсталирана и специјална опрема за набљудување на езерото. Паралелно со порибувањето, вчера беа уништени и 2.320 рибарски мрежи, со вкупна должина од 100 километри. „Запленувањето на мрежите е заслуга на рибочуварската служба, чии активности се во функција на заштита на охридската пастрмка“, истакна Спасеноски. (Д.Р.)
|