„Кастратите“ повторно во мода
Улогата на контратенорите или „кастратите“, како што овие пејачи биле нарекувани во време на барокот, доживува ренесанса
Тина Иванова
Контратенорите ги нарекуваат машки сопрани. Или уште и мажи со глас на жена. Денес, овие гласови се вистинска реткост во светот. Всушност, тоа отсекогаш било така. Можат на прсти да се избројат колку од нив се активни на оперските сцени. Статистиката покажува дека од 2 милиони мажи, само еден може да има таква боја на гласот, а од оние кои ја имаат, секој 50-ти има талент за музика. Но, во последните неколку години, улогата на контра-тенорите доживува ренесанса.
За оние кои не се доволно упатени, гласот контратенор, според своите можности, се движи од класичен тенор или висок машки глас, до сопран, односно висок женски глас. Низ историјата, машките сопрани биле ценети пред се поради идеалната ангелска чистота на гласот, и заради романтичниот хероизам. Во времето на барокот, тестисите на момчињата кои имале талент за пеење им биле отстранувани пред пубертет, за да не им мутира гласот, како не би изгубил од својата висина. Тоа биле вештачки создавани контратенори кои ги нарекувале „кастрати“. Секако, најпознат меѓу нив бил Фаринели (1705-1782), еден од најпознатите италијански сопран кастрати од 18 век, кој бил природен контратенор, но по кастрацијата гласот му достигнал распон од седум октави вклучувајќи и шест тонови кои никој друг не можел да ги испее. Неговиот глас бил вистинска дарба од Бога, и пред неговото кастрирање. Во 1994 година беше снимен и филм за животот на овој познат кастрат, „Farinelli Il Castrato“ на Жерар Корбие, а кој беше номиниран и за Оскар за најдобар странски филм. Во него, дури и Хендл е прикажан како паѓа од горната ложа во театарот восхитен од маестралното пеење на Фаринели.
За оваа тема, стапивме во контакт со македонскиот тенор Благој Нацоски кој годиниве наназад живее и работи во Рим, градејќи успешна кариера не само низ Италија, туку и на другите европски и светски сцени. Како најрелевантен, како човек кој соработува со врвни оперски имиња од Европа, меѓу нив и контра-тенори. Нацоски вели дека во последните 15-тина години се случува „ренесанса“ на контра-тенорите. А, според него, тоа е заслуга на популарноста на американскиот контратенор Дејвид Даниелс. „Оперскиот репертоар, а особено барокниот, изобилува со улоги за овој тип на глас и најискрено сметам дека добро е што овие улоги повторно ги пеат мажи, односно „вратени“ им се на оние гласови на кои што им припаѓале. Сакралната музика пак, се до класицизмот, скоро секогаш предвидува и контра-тенор (контраалтист)“, вели Нацоски.
Тој кажува дека денес не постојат кастрати, зашто и самиот збор укажува на хируршка интервенција за да се спречи мутацијата на гласот. „Последен кастрат бил Алесандро Морески (1858-1922), солист на Сикстинската Капела во Рим. Денешните контратенори се природни гласови со посебна дарба. Повеќето од нив поседуваат две гласовни можности, односно можат да пеат и во регистарот на контратенорот и исто така како тенори, баритони или баси. Контратенорите инаку, се делат на два типа: сопранисти, што значи пеат во регистарот на сопранот, и контралтисти, кои пеат во алтовиот регистар. Повеќето оперски улоги се сепак напишани за контралт“, истакнува Нацоски.
Всушност, негова е заслугата што стапивме во контакт со уште тројца успешни контратенори од Италија, кои ексклузивно за „Ут��ински весник“ ни дадоа куси изјави на темата. Сите се согласуваат дека денес контратенорите имаат гласови природно дадени од Бога. Дека денес, не постојат кастрати.
Единствениот контратенор кој настапил во Македонија, а тоа се случи на минатогодишниот концерт посветен на Георг Хендл со Македонската филхармонија, е Луиџи Скифано кој вели дека ниеден контралтист/сопранист денес не е кастрат. „Многу често размислувам и сум се поубеден дека кутрите пејачи од 17 век можеле да ја избегнат кастрацијата и без неа да пеат, како и ние денес, во регистарот на сопранот, односно контра-алтот. Но, дали овие гласови навистина поседувале нешто толку партикуларно и различно од контратенорските гласови денес, како што ни укажуваат рецензиите од таа епоха, за жал нема да дознаеме никогаш“, вели Скифано.
Контралтистот Антонио Џованини, кој може да пее само така, зашто нема во него машки глас, зборувајќи за своето лично искуство, вели дека патот за да стане контралист претставувал природна еволуција на неговите музички студии. „Уште како дете почнав да пеам како ’бел глас‘ и продолжив така се до денес, без да доживеам гласовна мутација типична за машките гласови. Нормално, гласот претрпе еволуција, но без да се трансформира во еден од трите типични машки гласови. Сето тоа ми даде можност да се соочам со различни репертоари, од мадригалите, па се до современата музика, за во оваа фаза на мојата кариера да се задржам на барокниот репертоар со особена претпочитаност кон оперското творештво на Хендл“, вели Џованини.
За контралтот Никола Маркезини пак, изборот во кој регистар треба да пее бил мошне лесен, бидејќи фалсетот за него, како што вели, отсекогаш бил многу лесен. „Почнав да пеам многу рано, на 8 годишна возраст, а веќе на 10 години дебитирав како Овчарчето во ’Тоска‘ во ’Арена ди Верона‘. Како минуваше времето, ’белиот глас‘ се повеќе добиваше на интензитет и постепено преминуваше од сопран во контралтовиот регистар. За жал, морам да кажам дека во тоа време во Италија немаше вистинска школа за контратенори, но имав среќа на 16 години да го сретнам мојот професор, Американецот Шерман Лоу кој имаше веќе искуство како професор на контратенори. Имав голема среќа, бидејќи како што веќе реков, многу е тешко да се најде учител кој ќе го разбере нашиот тип на вокалитет“, вели Маркезини. Тој истакнува дека денес во Италија ситуацијата е комплетно променета. Дека вокалитет на контратенор е во мода и многу пејачи кои имаат леснотија да пеат употребувајќи го фалсетот, се посветуваат на изучување на овој вокалитет, често со доста задоволителни резултати. „Ова се однесува на Италија, зашто репертоарите на разните театри се често сиромашни со опери кои предвидуваат ваков тип на глас и често диригентите, специјализирани за овој репертоар, преферираат припаднички на женскиот пол да ги толкуваат овие улоги. Најискрено не знам од кои причини, но лично не се сложувам со таквата политика“, вели Маркезини.
Еден од најпознатите контратенори денес, според некои критичари, е Французинот Филип Жаруски. Своето професионално деби го имаше на само 21 година пеејќи го Скарлати на еден француски летен фестивал во 1999 година. Магазинот „Њујорк тајмс“ во текстот „Кој може да одолее на маж кој пее како жена?“, ќе напише: „Жаруски имаше среќа во тајмингот. Во последните неколку децении, голем дел од барокниот репертоар - опери и световна музика на композитори како Монтеверди, Персел и Глук, како и оние на помалку познати маестра - доживеа општ препород... Пред 40 години, на светската сцена имаше неколку контратенори. Исклучително чистиот глас на 32-годишниот Жаруски, комбиниран со неговиот ангелски добар изглед, му донесоа страсни следбеници“.
„Има нешто потенцијално смешно околу овој глас кога потекнува од тело на маж“, ќе каже Жаруски. „Луѓето зборуваат дека контратенор е трет пол, или некаков квази женски пол, но за мене тоа повеќе е начин да се остане дете“. Специјалност на Жаруски е заживување на делата на сега заборавените барокни композитори.
Контратенорите имаат природен дисбаланс во односот на тестостерон и естроген во организмот. Затоа, било бесмислено, како што кажува и Скифано, машките пејачи од 17 век да бидат кастрирани, кога бојата и регистарот на гласот понатаму во текот на животот, можеле само да ја „довежбаат“. За среќа, денешните пејачи со, како што ги нарекуваат, „женски глас“, својот талент го надградуваат со работа. |