Избор од Чаловски на македонски и на влашки јазик
Во издание на Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“ од Скопје и Унијата за култура на Власите од Македонија, деновиве излезе од печат поетскиот избор „Одѕив во каменот“ од истакнатиот македонски поет Тодор Чаловски. Станува збор за паралелен избор од поезијата на Чаловски објавена на македонски и на влашки јазик.
Изборот од македонскиот оригинал и препевот на влашки јазик го направи Димо Н. Димчев (Дина Кувата), а поговорниот текст за поезијата на Чаловски, под наслов „Просветлена верност кон тлото“ е од литературниот критичар Атанас Вангелов. Во убаво опремената книга се поместени рамно шеесет и пет песни од богатиот поетски опус на овој наш познат поет. Книгата е придружена и со исцрпна био-библиографска белешка за авторот. (Н.П.) |