Паѓаат цените на храната во Србија
Брашното од почетокот на јуни поевтини за 10 отсто, а јајцата за пет отсто
БЕЛГРАД - Цените на одредени основни прехранбени производи се во опаѓање. Брашното во почетокот на јуни поевитни за 10 отсто, а јајцата за пет, додека цените на сезонското овошје и зеленчук на пазарите се преполовени. Во наредните денови се очекува и пад на цената на маслото за јадење. Пр��изводителите истакнуваат дека овие поевтинувања се од сезонски карактер и дека цената на храната и оваа есен ќе зависи од движењата на цената на светските пазари.
Министерот за земјоделство и трговија, Душан Петровиќ, изјави дека благодарение на мерките на владата, цените на храната во Србија се стабилизирани и дека според процените на аналитичарите, тие во наредниот период треба да одат надолу. Во прилог на тоа тој наведе дека на падот на цената дополнително ќе влијаат и субвенционираните динарски кредити што се наменети за земјоделците.
Илија Џуриќ, директор на „Млин теста“, вели дека цената на пченицата и оваа година ќе зависи од берзанските цени во Будимпешта, но и цената во Украина и во Русија. „Цената на нашето брашно ја формираме во согласност со цената на пченицата и тоа декадно, така што брашното во однос на периодот кога пченицата беше најскапа сега е поевтино за 10 отсто. Ново поевтинување можеме да очекуваме и во другата половина на јули, и тоа за пет до десет отсто. Како ќе се движат цените подоцна ќе знаеме кога ќе заврши жетвата и новата пченица ќе влезе во преработка“, вели Џуриќ.
И компанијата „Житко“ во почетокот на јуни ја намали цената на брашното за 10 отсто, а во истиот перид за пет отсто поевтинија и јајцата. Драгиша Јовиќ, директор на компанијата „Микрос унион“, вели дека ова поевтинување е од сезонски карактер бидејќи потрошувачката на јајца во ова време од годината се намалува. „Сегашните цени ќе се задржат до втората половина од јули кога поради замената на јатата, цената на јајцата повторно ќе почнат да расте“, вели Јовиќ.
Цената на сезонското овошје и зеленчук во последните десет дена на пазарите падна и до 50 отсто, а Алекса Јаничиќ, директор на фабриката за масло „Банат“ од Нове Црње, вели дека наскоро во малопродажбата би можело да дојде и до поевтинување на маслото за јадење. Пекарите истакнуваат дека немаат простор за намалување на цената на лебот бидејќи енергенсите во изминатиот период значително поскапија. Милан Простран, секретар за аграр во Стопанската комора на Србија вели дека стабилизација на цената на храната во светот не се очекува пред 2015 година. (Блиц) |