И Кралските семејства платија цена за кризата
Секоја година европските кралски семејства добиваат се' повеќе и повеќе јавни пари, а сепак големината на нивните лични богатства останува добро чувана тајна. По контроверзите предизвикани од неодамнешното обелоденување за неоткриените богатства на кралот на Белгија, прашањето за кралските куфери и што содржат тие, повторно се најде во вестите.
"Ги следам кралските семејства во осум земји - Обединетото Кралство, Холандија, Данска, Белгија, Шпанија, Шведска, Луксембург и Норвешка - и износот на јавни средства што го добиваат тие и натаму се зголемува секоја година", објаснува Херман Матијс од Слободниот универзитет на Брисел. Неговото најново истражување покажа дека британската монархија - која е финансирана со 49 милиони евра годишно од страна на британските даночни обврзници - е најскапата во Европа. Холандското кралство семејство е рангирано на блиското второ место со 40 милиони евра годишно, а двете семејства се многу побогати отколку нивните колеги од дното на табелата, во Шпанија или Луксембург, кои се принудени да преживуваат со приближно девет милиони евра. Бранителите на кралските семејства реагираат дека без готовина од јавната каса монархиите од Европа не би биле во можност да го платат одржувањето на нивните палати, нивната лична сигурност и официјалните посети во странство. Но, дали можеме да б идеме сигурни дека навистина е така?
Превезот на таинственост што ги опкружува европските кралски семејства ја отежнува можноста да се извлечат дефинитивни заклучоци за нивните финансии. Монархиите во Европа не сакаат да дадат целосно детално објаснување за нивните лични богатства, па единствено британското и холандското кралско семејство даваат транспарентен извештај за тоа како ги трошат средствата што ги добиваат од државата,.
Оттука не изненадува тоа што објавувањето на книгата "Загубените богатства на Кобургс", која тврди дека белгиската монархија има сто пати поголемо богатство отколку она што е пријавено во официјалните податоци, предизвика осуда кај јавноста. Единствената јавна изјава за богатството на кралот Алберт Втори и на белгиското кралско семејство, што ја даде портпарол во 2007 година, укажуваше дека богатството на монархијата е ограничено на имот во јужниот дел на Франција и 12 милиони евра. Сепак, авторот на контроверзната книга Тиери Дебелс инсистира дека кралот, исто така, поседува акции со вредност од една милијарда евра, и други богатства кои неговите претци ги криеле во поранешната белгиска колонија Конго - тврдење кое портпаролот на кралското семејство го опиша како "чиста фантазија".
Според неофицијалните извори, поголем дел од европските монархии се добро пласирани на меѓународните листи на богатите: војводското семејство на Луксембург има приближно пет милиони евра, главно инвестирани во имот. Холандското кралско семејство предводено од кралицата Беатрис, кое поседува 25 отсто од "Ројал дач/Шел" нема недостаток на пари. Кралот на Норвешка, Харлд Петти, кој е во сродство со британското кралско семејство и е сопственик на бројни имоти во Обединетото Кралство, имаше добра среќа да биде благословен со огромно наследство. Ист пример е и Елизабета Втора, чие богатство се проценува на 500 милиони евра. Обичните граѓани можеби ќе бидат доведени во искушение да заклучат дека таа е дури и побогата, но треба да се земе во предвид фактот дека со исклучок на неколку имоти во Шкотска и Норфолк, палатите и другите богатства кои се поврзуваат со кралицата, всушност се под старателство на државата, вклучувајќи го и крунскиот накит. Во исто време одржувањето на кралските имоти станува се' поскапо: тука се споменува познатиот недостиг на финансиски средства потребни за одржување на Бакингамската палата, која почнува да пропаѓа дотаму што е опасно да се пешачи долж објектот. Според дописникот за кралски семејства на "Хелоу", во еден неодамнешен инцидент принцезата Ана за малку избегнала да биде погодена во главата од парче од ѕидот што паѓал.
Кралицата инаку е многу свесна за одговорноста добро да ги употреби средствата кои потекнуваат од британските даночни обврзници, што е причина таа да биде многу штедлива. Некои луѓе дури ја опишуваат како скржава. Таа одбива да фрла облека, која се пренесува од деца на внуци, а кога принцот Чарлс, за жал, го загуби ременот за едно од нејзините кучиња, таа го испрати во градините на палатата да го бара. Сепак, таквите гестови на штедливост не се доволни за да ги надополнат големите загуби на берзанскиот пазар што британската монархија ги претрпе во текот на финансиската криза.
Експертите посочуваат дека кралските богатства, кои често пати опфаќаат и значајни фондови и имоти, загубиле значаен дел од нивната вредност во кризата. Во исто време, намалените кралски приходи се затегнуваат од високите трошоци за одржување на кралските имоти и тоа во голема мера останува непроменето. Пред неколку месеци граѓаните на Шведска беа шокирани кога открија дека со цел да се сочуваат кралските каси кралот Карл Шеснаесетти Густав барал 190.000 евра од субвенциите на ЕУ за земјоделство на годишно ниво. Елизабета Втора, исто така, ги користи истите субвенции. ("Речпосполита")
|