Таблоид со респект за Пулицерова награда
Таблоидот што ја урна претседателската кандидатура на Џон Едвардс се надева на награда
ЊУЈОРК - Во септември 2007 година беше примен повик на линијата за информации во одделот на „Нешенел енкваерер“ во Лос Анџелес. Тој беше онаков каков што се рекламира во таблоидите во супермаркети со ветување „ќе ви платиме многу за вашите ’трач-муабети‘ за познатите личности“. Пораката беше дека жена со име Риел Хантер навестува афера со Џон Едвардс, во тоа време кандидат за американски претседател.
За еден час информацијата беше на масата на Бари Левин, главниот и одговорен уредник на „Енкваерер“ во Њујорк. Неговите читатели не се интересираат толку за политиката заради самата политика, особено додека има разнишани холивудски бракови што треба да се следат и да се направат фотографии на познати личности со целулит. Но, Левин беше заинтригиран кога на „Гугл“ побара информации за Едвардс и пронајде истражување во кое се вели дека кандидатот и неговата сопруга Елизабет имаат брак на кој можат да му позавидат сите кандидати.
Тоа значеше дека Едвардс е на пиедестал, а обелоденувањето на аферата би можело да го симне од него - што е во согласност со мисијата на „Енкваерер“. „Тој се' уште им покажува на читателите дека богатите луѓе, луѓето на кои им се восхитуваат кога ќе им го земете парите, ги имаат истите проблеми што и тие ги имаат во реалниот живот“, вели тој.
Извлекувајќи информации за да се навлезе подлабоко во гласиштата, Левин почна нешто што порано изгледаше незамисливо: уривање на претседателски кандидат со премногу педантен имиџ и втемелување на нешто што личи на почитување за „Енкваерер“, сензационалистички неделник.
Откако стана првото и единственото издание што ја покриваше сторијата на Едвардс, од неговите негирања на аферата, па до признавањето на вонбрачно дете, „Енкваерер“ стана кандидат за Пулицеровата награда, најголемата награда во американското новинарство. Успехот направи Левин да размислува за отворање канцеларија во Вашингтон за да бара уште валканици кај политичарите.
Ова се ретки моменти за „Енкваерер“ да се крене во висините. Неговата матична компанија „Американ медија“ минатата година речиси поднесе барање за заштита од банкрот.
Она што го прави „Нешенел енкваерер“ е плаќање за информација и фотографии. На пример, во 1977 година тој плати за фотографијата на Елвис Присли во неговиот отворен ковчег и ја објави на насловната страница.
На домашната територија на „Енкваерер“, конкуренцијата никогаш не била поголема, со сајтови за трачеви на познати личности, како и традиционални весници кои го туркаат носот во приватните животи на познатите личности.
Но, „Енкваерер“ е во предност со тоа што го прави она што другите весници не го прават. Ангажираше репортери за сторијата на Едвардс потроши илјадници долари за трошоци, организираше надгледувања, им плаќаше на информатори и објавуваше текстови кои во целост се базираа на анонимни извори.
Таквите тактики поттикнаа дебата за тоа дали „Енкваерер“ е прифатлив како кандидат за Пулицеровата награда. „Кога им плаќате на луѓе за информација, самата информација станува изобличена“, вели Кели Мекбрајд, лидер на групата за етика во Институтот „Појнтер“.
Ленард Дауни џуниор, поранешен главен и одговорен уредник на „Вашингтон пост“, изјави дека не му пречи номинацијата се' додека „Енкваерер“ не ги плаќа изворите за текстови за номинацијата за наградата. Левин изјави дека неговиот весник не им платил на изворите за текстовите, но не се извини за тоа дека ја искористил тактиката во претходните известувања за Едвардс.
„Мислам дека ние сме варварите пред портите“, рече Левин за односот на неговото издание со главните весници. „Ние претставуваме многу од она на што тие гледаат од високо, но ги победивме во нивната игра“.
(Интернешенел хералд трибјун) |