VW Golf 1,2 TSi 85KS
„Даун сајзинг“ за поголемо уживање и економичност
Со моторите ТSi „Фолксваген“ направи револуција, а неа најдобро ја чувствуваат сопствениците на новите возила со помали, но поекономични и посилни агрегати
Владимир Ристовиќ
„Голф“ е легендарен автомобил, не само на овие простори, туку на цела планета. Тој е најголемиот бестселер на производителот од Волфсбург. Симболот на германската автоиндустрија и со својата шеста генерација доминира на европскиот пазар во компактната класа и воопшто. Токму еден ваков „волк“ имавме на неколкукратно дружење. „Порше Македонија“, овластен импортер за возилата од програмите на „Ауди“, „Шкода“ и „Фолксваген“ за нашата земја ни ја довери ,12-литарската изведба со 85 кс, придвижувана од бензинско гориво.
Во почетокот недоверливо седнавме во „голфот“, не верувајќи дека ова намалување на зафатнината нема да остави негативни последици во возните својства на автомобилот. Но, „голфот“ покажа дека иако помал во зафатнина, сепак, 1,2-литарскиот бензинец со четири цилиндри е многу поагилен од 1,4-литарскиот атмосферец. Новата технологија TSi ја докажа супериорноста. Дополнувањето со турбополнач му дава живост. Стартноста ги надмина нашите очекувања. Возните својства се подобри од оние кај изведбата со 1,4- литарскиот атмосферски бензинец. Цврстината, стабилноста и управливоста се непроменливи, но забрзувањата се значително подобри. Уживањето не е намалено, дури спротивно од тоа, поголемо е бидејќи сега и паричникот останува пополн. Новиот агрегат TSi е поекономичен, а згора на тоа и поеколошки настоен кон животната средина, без проблеми ги исполнува нормите еуро пет за емисија на штетни гасови.
Низ град лесно се движи и без проблеми крстосувате низ градските сообраќајници. На отворен пат, пак, одлично забрзува, а меѓубрзините не се за потценување. Всушност, морам да признаам дека „голф 1,2 Tsi“ позитивно ме изненади. На моменти помислував дека станува збор за повеќе коњски сили од наведените 85. Згора на тоа, и просечната потрошувачка од под шест литри на 100 километри навистина може да ги радува сопствениците на овој „голф“.
Петтостепениот мануелен менувач е добро вкомпониран со агрегатот и ви овозможува во секој момент да извлечете максимум од возилото. Иако агрегат со овој волумен и со сила од 85 кс не е некој тркач, сепак, неговите перформанси не се за занемарување. Од место до 100 километри на час забрзува за околу 12 секунди, а максималната брзина е нешто под 180 км/ч, според наводите од производителот.
Сопирачките, дискови, напред вентилирачки, без проблеми го скротуваат автомобилот.
За комфорот, исто така, пофалби, цврстото германско потпирање гарантира стабилност и најоптимално совладување на свијоците. Удобните седишта и ергономијата се на ниво препознатливо за „голф“. Понекогаш ви изгледа дека имате повеќе простор отколку што би можело да се заклучи од димензиите: должина 4.199.мм, ширина1.779 мм и висина 1.480 мм, како и меѓуоскино растојание од 2.575 мм.
А нивото на опрема, на тесниот модел, гарантираше уживање во возењето, автоматска двозонска клима, квалитетна ЦД аудиолинија, комплет електрика, магленки, сет од воздушни перници и завеси, ABS + TCS +EBD…
Се' во се', „голф“ и со 1,2-литарски бензински агрегат, со 85 кс докажува дека заслужува должно внимание. |