Кандидатите во Сарај сакаат вистински урбанизирана општина
Нагласена е потребата за нови патишта, водовод и канализација, болници и училишта
Сања Наумовска
Подобрување на условите за живеење на жителите на општината Сарај е заедничката цел на четворицата кандидати за градоначалничката позиција. Во име на партијата Нова демократија, која моментно ја води Општината, се кандидира Сабалдин Мамути. За ДУИ во изборната трка ќе трча Блерим Беџети, за ДПА - Фари Реџепи, а за ПДП - Насер Хамити.
Изградбата на патишта, на водовод и канализација, како и потребата од јавни институции, како што се болници и училишта, ја нагласуваат сите претенденти кои сакаат да седнат на првата општинска фотелја. За нив е важно општината Сарај, која и фактички е дел од Градот Скопје, да почувствува дел од урбаните придобивки на живеењето.
За дипломираниот економист од Чајлане и кандидат на ПДП, Насер Хамити, најважна е правилната употреба на општинските пари за проекти наменети за граѓаните. Тој се залага за канализација, улици и подобрување на условите во училиштата. Незадоволен е што долгот на Општината е голем и смета дека на следниот градоначалник ќе му требаат најмалку две години за да го отплати.
Хамити е невработен, а повремено е ангажиран како судски вештак за стопански криминал. Татко е на три деца и е горд што неговото семејство е староседелско во Сарај. Со политика се занимава од 1980-тите години кога студирал во Приштина, а член е на ПДП од нејзините почетоци.
Кандидатот на ДПА, Фари Реџепи, работи во Општина Сарај како раководител на Одделението за јавни дејности и локален економски развој. Тој вели дека одлично ги познава состојбите и проблемите на граѓаните и смета дека жителите на Сарај не смеат да се живеат без улично осветление и со слаб напон на електричната енергија. Се залага за изградба на болница, основно и средно училиште, како и за отворање канцеларии на Министерството за труд и социјална политика. Реџепи е роден во село Горно Свиларе и има завршено Педагошки факултет во Скопје.
Кандидатот на Нова демократија, Сабалдин Мамути, е професор по арапски јазик во медресата во Кондово. Дипломирал Шеријатско-правен факултет во Каиро, завршил постдипломски студии по компаративно право и Педагошки факултет во Скопје. Во Каиро ја запознал својата сопруга, по потекло од Сингапур, со која има ќерка, која неодамна дипломирала на Медицински факултет. Сите во семејството Мамути зборуваат, освен албански, и македонски, англиски, арапски и малајски јазик. Кандидатот на Нова демократија е вујко на претседателскиот кандидат Имер Селмани, чија идеја, како што вели, сега пред пензија, да се кандидира за градоначалник на Сарај.
„Сарај ќе личи на швајцарски кантон, бидејќи нејзините жители го заслужуваат тоа“, ветува Мамути, потенцирајќи дека има решение за проблемите на неговите сограѓани. Тој во слободното време работи на едуцирање на младите од Сарај во Културниот центар во селото Арнакија, каде што децата, освен верско образование, учат и англиски јазик и информатика.
Кандидатот на ДУИ, Блерим Беџети, по професија е правник и подолго време работи како адвокат. Во политиката е десетина години, прво како член на ПДП, а сега е во редовите на ДУИ. Женет е и има три деца, а рекреативно се занимава со играње фудбал. Од општината Сарај сака да направи вистинска урбана средина, која навистина ќе биде дел од Скопје. „За жал, во Сарај се' уште се зборува за проблеми како што се недостаток од водовод и канализација, наизградени патишта и слично. Се надеваме дека во соработка со Владата и со Град Скопје, ќе бидат надминати“, нагласува Беџети. |