Тотенхем сака да го дотепа ранетиот Челзи
В недела тимот на Хари Реднап може да ја потврди тезата на Фергусон дека во Премиерлигата нема веќе голема четворка
Само неколку дена откако менаџерот на Манчестер јунајтед, Алекс Фергусон, кажа дека во Премиерлигата веќе не постои големата четворка (Јунајтед, Арсенал, Челзи, Ливерпул), а Тотенхем ќе има можност да го докаже тоа.
„Ќе мора да се навикнеме на присуството на Тотенхем, Манчестер сити, па дури и на Евертон, кој и покрај проблемите со повредите мислам дека може да се вклучи во борбата за титулата“, кажа Фергусон, чиј тим во понеделник го игра дербито со Арсенал.
Ден порано, пак, Тотенхем (тимот во подем) го пречекува тимот во пад Челзи - дуел што ќе покаже дали Фергусон е во право.
Тотенхем ужива во своите моменти на слава. Сезонава за прв пат по 1961 година е дел од Лигата на шампионите. Одигра фантастично во групата и заслужено беше прв пред европскиот шампион Интер.
„Тие се во нокдаун. Самодовербата им е нула. Мора да го искористиме моментот. Во исто време треба да бидеме внимателни и да не им дозволиме да се разбудат против нас“, изјавува голманот Гомеш, кој беше дел од тимот што го совлада Челзи на Хидинк во 2009 со 1:0 и Челзи на Анчелоти минатата сезона со 2:1.
Од друга страна, напаѓачот на Челзи Дидие Дрогба се надева дека неговиот тим ќе ја прекине лошата серија (четири бода од последните шест меча). „Можеби сите очекуваат дека ќе загубиме в недела. Но, може да биде и обратно. Факт е дека Тотенхем има одлична сезона. Работите се менуваат, но тоа е животот. Наше е да се вратиме на правата патека“, вели Дрогба.
Во последните 10 сезони Челзи победи во 15 од 26 меча во сите натпреварувања против Тотенхем, кој има само пет победи. Но, од сезоната 2007/2008 година Тотенхем има три победи во седумте дуели (Челзи има две).
Тимот на Анчелоти има страшен распоред до крајот на годинава. По Тотенхем на 19 декември на свој терен игра со Манчестер јунајтед, а потоа му гостува на Арсенал на 27 декември. „Тежок момент за нас, но ова се работи што им се случуваат на многу тимови. Убеден сум дека ќе биде подобро по трите тешки меча“, додава Дрогба.
На слично мнение е и тренерот Карло Анчелоти, кој е среќен што Франк Лампард им се врати на тренинзите. „Босингва има проблем со коленото, но Франк е добар. Наредниве два дена ќе оценам дали ќе биде во првиот состав“, посочи Анчелоти.
Табела: Арсенал 32, Манчестер Ј 31, Челзи 30, Сити 29, Тотенхем 26... |