Ќиро Блажевиќ селектор на Кина за еден милион долари годишно
Ќиро Блажевиќ, по Швајцарија, Хрватска, БиХ и Иран, ќе ја презеде и петтата репрезентација - кинеската олимписка. Цел е пласман на Олимписките игри во Лондон 2012 година.
Денеска Ќиро треба да го стави потписот на едногодишниот договор, кој, според, хрватските медиуми ќе му донесе милион долари. Веста ја потврди и самиот Блажевиќ, кому Кинезите му шијат и традиционален костим. Во него, вели Ќиро, се чувствувам како кинески цар.
Просинечки: Звезда е најголем клуб на овие простори
„Ви благодарам што ме избравте. Звезда е најголем клуб на овие простори“, изјави Роберт Просинечки на неговата промоција за нов тренер на некогашниот европски шампион.
Тој веднаш ја кажа својата формација за првиот меч со Смедерово, која ги изненади српските новинари. „Па, во тимот има само еден стопер. Никој не игра така во светот. Во нападот го ставил Миловановиќ, а тој никогаш не играл таму. Бил дефанзивен среден играч, па и офанзивен, но никогаш напаѓач“, зачудени се новинарите. Но, Просинечки тврди дека знае што прави, а директорот Владан Лукиќ, наводно, му обезбедил годишна плата од 230.000 евра, иако до пред некој ден се зборуваше за 100.000.
Мурињо зад светскиот првак Дел Боске
„Газета дело спорт“ објави информација за која тврди дека е веродостојна: Шпанецот Висенте дел Боске е добитникот на наградата на ФИФА за тренер на годината. Втор е Мурињо, а трет Гвардиола.
ФИФА во соработка со француското списание „Франс фудбал“ годинава прв пат заеднички ги избира најдобрите светски фудбалери и тренери. Минатата недела беа објавени и тројцата фудбалери од Барса што ќе се борат за престижната награда: Меси, Чави и Иниеста.
Последниве двајца изјавија дека неоправдано е изоставен Весли Снајдер, срцето на Интер, со кого минатата сезона освои се' што можеше да се освои.
Катар фондејшн спонзор на дресот на Барса
Од основањето на клубот во 1899 година не се случило на дресот на Барселона да стои име на некој спонзор. Тоа според шпанските медиуми од вчера е минато. Имено, Барса потпишала договор со Катар Фондејшн шест годишен договор вреден рекордни 180 милиони евра. Катар Фондејшн не е трговски бренд туку организација која го промовира образованието и развојот. Каталонците во минатото ги одбегнуваа ваквите идеи, а во 2006 година одлучија на предната страна од дресот да го стават името на УНИЦЕФ, водечка светска организација што се грижи за децата, нивните права и потреби и да донира 1,5 милион евра во секоја од петте договорени години на соработка.
Случајот „Касано“ добива разрешница
Сагата за случајот „Касано“ денеска треба да ја добие својата завршница. Вчера пред Арбитражниот одбор на Фудбалската федерација на Италија за инцидентот на Касано со претседателот Рикардо Гароне требаше да сведочат пет играчи од Сампдорија - Пацини, Марилинго, Лучини, Пози и Досена.
Да потсетиме, Сампдорија поведе постапка за раскинување на договорот со контроверзниот Касано (важи до 2013 година) поради неговиот судир со претседателот. „Можеш да ме бакнеш во задникот.., сер... стар. Да те е... во уста!“, му порача Касано на Гароне во неговиот препознатлив налет на бес. |