Во етнички судири во Карачи убиени четири лица
Карачи - Во етнички судири во Карачи и вчера беа убиени четири лица, иако полицијата изразува оптимизам дека се намалува етничкото насилство по повеќедневните крвави инциденти, во кои загинаа најмалку 40 лица.
Градскиот шеф на полицијата, Васим Ахмад, потврди дека четири лица се убиени рано утринава во два одвоени инциденти и дека Карачи, еден од најголемите градови во Пакистан, од тогаш е главно мирен.
Судирите избија пред три дена меѓу припадници на најголемите градски заедници: Урдите - наследници на индиски мигранти од времето на поделбата на потконтинентот во 1947 година и етничките Паштуни од северозападен Пакистан.
Ривалските етнички заедници за време на викендот се судрија со оружје, а палеа продавници и возила во неколку делови на 15-милионскиот Карачи, иако и вчера имаше нови судири.
На полицијата и е наредено да пука врз насилниците додека училиштата и факултетите веќе втор ден се затворени, а градскиот сообраќај е намален. (МИА) |