Број 2853  среда, 03 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Свет

Индија бара да и' бидат испорачани 20 милитантни бегалци

Од Исламабад се бара „енергична акција“ против оние што стојат зад нападите, а живеат во Пакистан

ЊУ ДЕЛХИ - Индија побара од Пакистан да и' предаде 20 лица што сакаат да избегаат од индиските закони, за кои се верува дека се во Пакистан. Министерот за надворешни работи, Пранаб Мукхерџи, изјави дека листата со имиња била доставена во понеделникот, кога Индија протестираше кај високиот комесар на Пакистан околу нападите во Мумбаи. Пакистан соопшти дека ќе „формулира официјален одговор“ откако ќе го добие списокот. Не е јасно какви врски имале бегалците со нападите во Мумбаи.

Тензиите меѓу двете земји се заострија по нападите кои зад себе оставија 201 жртва. Меѓу загинатите имаше и 21 странец, а повеќе од 200 лица беа повредени. Индиски официјални лица во неколку наврати повторија дека имаат докази дека милитантите кои стојат зад нападите имаат врски со Пакистан. Исламабад негираше каква било инволвираност и предупреди на тоа да не се дозволи „злосторници“ да ги заострат тензиите во регионот. Новиот индиски министер за внатрешни работи вети дека „одлучно и решително ќе одговори“ на кризата. Но, Мукхерџи во понеделникот изјави дека Индија не ја разгледува воената опција. „Побаравме апсење и предавање на оние лица кои се преселени во Пакистан и кои бегаат пред индиските закони“, изјави Мукхерџи пред новинарите во главниот град на државата, Њу Делхи.

Индиските медиуми објавија дека меѓу посочените имиња се наоѓа и она на Давуд Ибрахим (подземниот дон на Мумбаи кој се смета за планер на серијата експлозии во Мумбаи во 1993 година) и Муалана Масуд Азар (пакистански муслимански свештеник ослободен од затвор во Индија во размената за патници од киднапираниот авион во 1999 година). Индија соопшти дека Давуд Ибрахим живее во Карачи, но пакистански официјални лица го негираат тоа. „И официјално ќе го разгледаме барањето откако ќе го добиеме и ќе го формулираме одговорот“, беше цитирана изјавата на министерот за информации, Шери Реман, од страна на Ројтерс во Исламабад.

Во понеделникот индиското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикал високиот комесар на Пакистан. Индија „очекува дека ќе биде преземена енергична акција против тие елементи, кои и да се, одговорни за ова злосторство“, му било кажано на високиот комесар. Портпаролот на високата пакистанска комисија го намали значењето на средбата, наведувајќи дека биле одржани дискусии во една „срдечна атмосфера“. Меѓутоа, нема сомневање дека Индија полека го пренасочува вниманието кон новата демократска власт на Пакистан во Исламабад за да преземе „енергична акција“ против оние што стојат зад нападите, јавува дописникот на Би-Би-Си во Њу Делхи. Властите од двете земји се повлекоа од онаа реторика што доведе до голема воена ескалација откако во 2001 година милитанти го нападнаа индискиот парламент.

По нападите, фокусот е на еден осамен напаѓач кој преживеа и сега се наоѓа во затвор. Според индиските медиуми, Азам Амир Касаб е од Пакистан и има врски со кашмирската милитантна група Лашкар-е-Тоиба со седиште во Пакистан. Групата негира каква било инволвираност. Индискиот заменик-министер за внатрешни работи Шакил Ахмад изјави дека „е многу јасно утврдено“ дека сите напаѓачи биле од Пакистан, повторувајќи ги сличните коментари од други официјални лица дадени во последниве неколку денови. Индискиот државен министер за надворешни работи Ананд Шарма ги нарече нападите „сериозен неуспех“ за нормализирање на односите со Пакистан. Пакистанскиот премиер Сјед Јусуф Раза Гилани изјави дека неговата земја „ќе преземе акција против злосторниците ако има докази дека станува збор за државјани на Пакистан“. (Би-Би-Си)


Статијата е прочитана 130 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Свет
Шварценегер- Калифорнија во банкрот
Од колера во Зимбабве умреа 500 луѓе
Во етнички судири во Карачи убиени четири лица
Обама избра „дрим тим“ за надворешната политика
Тајландскиот премиер доби забрана за занимавање со политика
Косовски Албанци протестираа против планот за распоредување на Еулекс
Се задушија 11 ученички во Кина
Германскиот суд ја осуди жената обвинета за убиство на две нејзини бебиња кои ги чувала во фрижидер