Театарски Оназис наредил убиство на Боб Кенеди
Театарска претстава за богатиот бродосопственик го разгневи семејството и ги налути Грците
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Познатиот грчки бродосопственик и милијардер Аристотел Оназис, 35 години по својата смрт, за прв пат е главниот лик во една драмската претстава што го обработува неговиот приватен живот. Во претставата „Оназис“ што се прикажува во лондонскиот Вест енд, станува збор за неговите спектакуларни врски со славната оперска пејачка од грчко потекло Марија Калас и со американката Жаклина - Џеки Кенеди, вдовица на поранеш��иот американски претседател Џон Кенеди, што само по себе е доволно за да предизвика контроверзи, затоа што станува збор за луѓе што имаат оставено печат на времето во кое живееја.
Но, претставата предизвика различни коментари и гнев на семејството на Оназис, како и лутина меѓу Грците, затоа што во неа се покренува тезата дека човекот што беше опседнат со славните жени од своето време, исто толку многу колку што беше опседнат и со правењето пари, е прикажан како организатор на заговор за ликвидација на Роберт Боб Кенеди, американски сенатор и брат на убиениот претседател на САД.
Фондацијата „Оназис“, која се грижи за оставината на богатиот Грк и за неговиот углед во светот остро протестираше поради претставата во театарот „Новело“ во британскиот главен град, тврдејќи дека се потпира на гласишта, измислени заговорнички теории, без нудење докази и факти. Фондацијата во отворено писмо до јавноста, изразува надеж дека грчките весници, но и медиумите низ светот нема да го прифатат како готов факт она што се случува на лондонската сцена и што се содржани во претставата. На повеќето лондонски весници им пречи ваквиот тон на предупредувањето до нив и пораката да бидат внимателни околу тоа како ќе ја прикажуваат вистината, па налутено реагираа, спротивставувајќи се на советот за премолчување на она што луѓето го слушаат и го гледаат на театарската сцена.
Налутената реакција на овдешните весници е сосема разбирлива, затоа што во драмата за Оназис има прељуби, крупни финансиски зделки и даночни и други измами кога станува збор за парите, но е и осомничен за убиство и за ковање заговор, што не може да се премолчува уште повеќе што оваа претстава не е оригинален или нов текст, туку е правена според книгата „Немесис“, објавена во 2005 година, од лондонскиот автор Питер Еванс. Книгата и драмата тргнуваат од тезите за тоа дека Џеки Кенеди можеби би се венчала и со својот девер Боб Кенеди доколку Оназис не се фиксирал на помладиот Кенеди и на тоа врз него да се изврши атентат што би отворил пат за венчавката на вдовицата на американскиот претседател со богатиот Грк.
Фондацијата што е создадена додека Оназис беше жив, а во неа сега се блиски и пријатели на покојниот магнат, откако двете негови деца се мртви, се пресметуваат и со книгата „Немесис“, за која се тврди дека не е биографија, ниту, пак, е пишувана со согласност на Оназис. Се огласи авторот на книгата, кој тврди дека е изненаден од грчката реакција и инсистира дека тоа што го тврди (околу заговорот) е направено по многу години долги и напорни истражувања. Еванс се има сретнато за прв пат со Оназис кога Гркот сакал тие двајцата заедно да напишат книга за неговиот живот, што според лондонскиот автор, требало да се публикува една деценија по смртта на бродосопственикот, кој умре во 1975 година.
„Работев со дозвола и во соработка со Оназис, кој постојано ме храбреше да ја направам книгата“, вели сега Еванс. Близок човек до Оназис и угледен атински адвокат, за кого велат дека е еден од неговите најдоверливи соработници, меѓутоа, тврди дека авторот (на книгата) ја „пропуштил вистинската приказна“. Кристина Оназис, ќерка на грчкиот милијардер, го терала Еванс да копа подлабоко во своето истражување, изразувајќи стравување дека луѓето би поверувале оти нејзиниот татко е одговорен за смртта на Роберт Кенеди. Авторот вели дека тогаш за прв пат (од ќерката) слушнал за една таква можност, па затоа, како што тврди, се зафатил со истражување за една книга какво што никогаш досега нема направено, а чиј резултат го нуди во книгата „Немесис“, што сега е пренесен и во содржината на драмската претстава.
Тврдењето на Еванс нема кој да го оспорува затоа што сите главни актери, како оние во Грција, така и другите во Америка, се одамна починати. Џон Кенеди беше убиен во атентат во Далас, во Тексас, во 1963 година, официјално од Ли Харви Освалд. До денес се' уште не се знае зошто беше убиен популарниот претседател и дали зад убиството стои само атентаторот или имаше поширок заговор. Во 1968 година беше убиен и неговиот брат, Боб Кенеди, за време на претседателската кампања во САД, од осамениот убиец, Јорданецот со палестинско потекло, Сирхан Сирхан. Во книгата „Љубовна приказна“ на американскиот автор Дејвид Хејман, објавена минатата година, пак, се тврди дека Боб четири години имал страсна љубовна врска со Жаклина Кенеди, која започнала по смртта на нејзиниот сопруг. За врската, наводно, знаеле сите околу нив и се очекувало таа да биде и јавно обелоденета, но тоа не се случило.
Братот на убиениот претседател подоцна жестоко се противел на бракот на вдовицата на Џ. Ф. К. со „стариот Грк“. Само четири месеци по убиството на Боб Кенеди, поранешната прва дама на САД, се венча со Аристотел Оназис. |