Фондот го стега ременот и за скапите лекови?
Фондот за здравствено осигурување бара од Министерството за здравство побрзо да се одредат медицинските постапки во кои ќе може да се користат скапите лекови и потрошниот медицински материјал.
Фондот веќе дефинирал кои се десетте најскапи здравствени услуги и за нив бара медицински протоколи врз чија основа ќе се одреди кога може да се користат скапите цитостатици, фактори за коагулација, лекови за подобрување на крвта, стентови за срце, очни леќи, вештачки колкови, колена, мрежа за кила...
Фондот оценил дека кардиолошките, кардиохируршките, оплодувањето ин витро, тораковаскуларните, респираторните заболувања, услуги врзани за медицинска нега и вештачка вентилација, породувањата, операции врзани за карциноми и дијализата се десетте најскапи здравствени услуги што ги плаќа. Според пресметките, за нив годишно се трошат околу 100 милиони евра. На прашањето дали на овој начин го стегаат ременот за скапите лекови и материјали, од Фондот велат дека барањето медицинските протоколи да добијат правна рамка побрзо има цел осигурениците да добијат ист квалитет на услуга без оглед во која здравствена установа се лекуваат. (Ј.Ј.) |