Прилепските сарми подготвени, се чека судија
Јасмина Јовановска
ПРИЛЕП - Традиционалните посни сарми со кои Прилеп има намера да го освои Гинисовиот рекорд се подготвени. Вредните раце на над 150 прилепски домаќинки завчера завиткаа 80.191 мала сарма од
700 зелки и 90 килограми ориз.
Сармичките наредени како бисери се вареа во 40 тенџериња и лонци на пет локации, во две градинки, во ученичкиот и старскиот дом, како и во новоотворената фабрика за печурки.
Целата постапка се одвиваше под будното око и строгите упатства на Санитарната инспекција, Дирекцијата за храна и Заводот за здравствена заштита. По нивна препорака сармите до моментот на служење ќе се чуваат безбедно во ладилниците на фабриката за печурки на температура од три Целзиусови степени.
„Се' е подготвено, го чекаме уште судијата од Гинис, Талал Омар, да пристигне од Англија. Не се сомневаме дека ќе го освоиме рекордот, зашто сите услови ги исполнивме“, вели Ане Лашкоска, шеф на Кабинетот на градоначалникот Марјан Ристески, кој е носител на иницијативата прилепските сарми да се натпреваруваат за Гинис. (Мн.Т.) |