Проблеми со лековите за болните од остеопороза
Јасмина Јовановска
Пациентите кои боледуваат од остеопороза бараат таблетарните бифосфонатните лекови кои им се неопходни за стопирање на болеста да може да ги добиваат на рецепт во аптека. Иако овие лекови ги покрива Фондот за здравствено осигурување и пациентите единствено може да ги добијат во болница, тие се принудени да ги купуваат приватно. Сето ова е поради тоа што во болниците најчесто не се набавуваат бифосфонатните лекови во таблети поради недоволните болнички буџети.
"Во болниците има бифосфонати во ампуларна форма. Но, тие се во многу мали количини. Кој прв ќе стаса, ќе ја прими терапијата. Другите болни завршуваат во аптека каде што таблетите ги купуваат и месечно издвојуваат по 2.500 денари", укажуваат пациентите.
За да ја прекинат оваа практика при право на фондовски лек да мора лекот да го купуваат, Македонското здружение за остеопороза вчера достави петиција до Фондот за здравствено осигурување и до Министерството за здравство. Со оваа иницијатива, на која се потпишани повеќе од 150 пациенти, се бара бифосфонатите место на болничка листа, да се префрлат на аптекарска листа на лекови за да може да станат достапни за пациентите и тие да имаат право на избор на лекот.
"Пациентите сега секоја недела или секој месец се упатуваат во локалните болници. Но, џабе кога ниедна болница во земјава не располага со таблети за лекување на остеопорозата, па пациентите се принудени да ги купуваат. А, за да ги вратат парите за купениот лек, мора да соберат куп документи", се жалат пациентите. Поради оваа мачна процедура, болните најчесто се откажуваат од терапијата зашто нема секој да плати 2.500 денари за лекот. Прекинувањето на терапијата пациентите ги доведува во ризик да им се врати болеста и да се здобијат со скршеница.
"Зар државата нема да ја чини повеќе нашето лекување отколку лекот да го стави на аптекарска листа", објаснува еден пациент од здружението. Друга пациентка, пак, прашува дали на овој начин, сепак, некој не тера бизнис, зашто кога се купува лекот, болните плаќаат полна сума.
Во Фондот за здравствено осигурување велат дека ќе ја разгледаат иницијативата и наредниот вторник здружението ќе го повикаат на средба.
За објаснувањето дека болниците немаат доволно пари да ги купат овие лекови, во Фондот велат дека на сите центри каде што се лекува остеопорозата им префрлиле пари и за овие лекови. Но, сепак, каде е проблемот ќе се објаснат на средбата со пациентите идната недела.
|